Даштевски: Легитимно и законски можеме да работиме и со шест члена


 Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вечерва посочи дека претстојните избори ќе чинат 17 милиони евра. Тој додаде дека побарале повеќе средства, но смета оти и оваа сума ќе е доволна за успешно да се спроведат изборите.

Тој во гостување на ТВ 21 потенцираше дека дел од парите ќе бидат наменети за медиумите, поточно кај партиите за изборно рекламирање. Како што рече, 40 отсто од парите одат кај најголемата опозициска партија, 45 отсто кај најголемата партија која е на власт.

-Согласно законот, 40 отсто од парите одат кај најголемата опозициска партија, 45 отсто кај најголемата партија која е на власт, седум отсто кај партиите кои имаат свои претставници во Парламентот и три проценти за другите партии кои немаат претставници во Собранието. Тие потоа се договараат, мора да имаат договори во однос на тоа кај кои медиуми колку време ќе се рекламираат, појасни Даштевски.

Прашан дали непречено ќе се спроведат изборите со оглед на тоа што недостасува еден член во Државната изборна комисија, Даштевски рече дека тоа е исклучиво во надлежност на Собранието, но според законот, Државната изборна комисија може да работи ако има мнозинство.

-Тоа значи дека ако има шест члена може да работи непречено и законски. Државната изборна комисија може да работи дури и со четири члена. Наше е да ги спроведеме изборите. Ние имаме искусен состав, неколку члена се веќе во втор мандат, а некои имаат и по три мандати. Мене исто така ми е втор мандат само не во континуитет. Подготвени сме за изборите. Ако се избере членот, добро, но ако не се избере, легитимно и законски е да се работи и со шест члена, додаде Даштевски.