Даштевски: ДИК може да ги спроведе и локалните и вонредните парламентарни избори ако се договорат партиите


Ако се договорат политичките партии, ДИК паралелно може да ги спроведе двата процеса – и редовните локални и вонредните парламентарни избори, рече вечерва претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

Тоа, оцени Даштевски, би ги скратило и трошоците.

-Мислам дека ДИК би имала капацитет да ги спроведе и локалните и предвремените парламентарни избори, доколку партиите се договорат, рече Даштевски во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.

Тој откри дека кај некои од членовите на ДИК се јавуваат сомнежи дали навреме ќе се набави потребната опрема за скенирање отпечаток од прст, како што налага Изборниот законик. Сепак, Даштевски се надева, како што рече, дека има уште седум месеци дотогаш, што е доволно време, но во целиот процес ќе мора да помогнат и максимално да се анагажираат сите органи на државата.

Даштевски денеска разговарал и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој изразил подготвеност идната недела да се сретнат и да продискутираат околу ова прашање и неговата реализација.

Законот, напомена Даштевски, не дава алтернатива, ќе мора да се исполнат сите услови за одржување на локалните избори, вклучувајќи ја и набавката на скенерите.

– Законот не дава алтернатива, нема таква можност. Мора да се спроведат одлуките до крај, но цела држава треба да се ангажира. Избори мора да има, а средства за опремата се побарани уште во септември лани. На првата седница на ДИК потоа, се донесе одлука да се побараат средства. За таа одлука чекавме две недели и денеска добивме одговор дека, доколку ДИК може да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат средства, што за мене е нејасна одлука зашто согласно членот 25 од Изборниот законик, сите државни органи, Собранието, министерствата за правда, за внатрешни работи, за информатичко општество, Државниот завод за статистика, локалната самоуправа, се должни да му ги обезбедат сите услови на Собранието, објасни претседателот на ДИК.

Даштевски на денешната седница предложил ДИК да се обрати и до Владата, но предлогот бил одбиен.

-Сепак, сметам дека ќе успееме да се договориме. Во неофицијалните разговори со колегите, дојдов до заклучок дека тие се сомневаат дали ќе можеме да ја исполниме таа обврска, но немаме алтернатива, Законот тоа не го пропишува, туку вели дека мора да се реализираат сите постапки за изборите. Се надевам дека има време,  седум месеци се во прашање за да се набави опремата и да се инсталира. Се надевам дека сите членови на ДИК ќе најдеме сили да го завршиме овој дел од обврската зашто нема друга алтернатива, Законот мора да се спроведе, повтори Даштевски.

За набавката на скенерите веќе е контактирано со некои странски компании, а можно е, опремата и да се изнајми, но многу е важно, како што рече Даштевски, таа да биде блиска со опремата во МВР.

-На средбата со Спасовки ќе утврдиме детали, но и со Државниот завод за статистика, истакна првиот човек на ДИК.

Според него, добро тече работата во однос на Избирачкиот список.

-Избирачкиот список четири пати годишно се ажурира, на секои три месеци. Најновата состојба е дека за неколку илјади е намален. Така ќе биде до изборите и сметам дека тој дел ќе биде добро завршен, информира Даштевски.

За софтверот кој беше хакиран на претходните избори, претседателот на ДИК рече дека истрагата е во тек.

-Дел од истрагата е завршен во МВР, а дел продолжува во Јавното обвинителство, Тешко може да се утврди од каде дојде нападот, но тој што го направил веројатно е врвен професионалец и е од страна. Сметам дека органите ќе си ја завршат својата работа, рече Александар Даштевски.