Дарја Ризова, актерка: Со ликот на Ширли постигнувам целосна трансформација

Младата актерка Дарја Ризова во претставата „Бесачи“ ќе ја видиме во улогата на Ширли, која е ќерка на Хари и Алис (Никола Ристановски и Камка Тоциновски). Ризова вели дека преку овој лик ќе покаже целосна трансформација од она што досега го играла.

Премиерната изведба е 24 септември на големата сцена на МНТ со почеток во 20 часот.

„Бесачи“ е по текст на актуелниот британско – ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев. Изведбата на првата реприза е на 25 септември, а следните изведби се закажани на 8 и 9 октомври.

-Беше предизвик да создавам еден таков лик, бидејќи е нешто сосема ново и преку Ширли имам целосна трансформација од она досега. Ширли е посебна и е само моја – вели низ смеа актерката Ризова.

Додава дека уште во студентските денови ги следела претставите на Јавор Грдев и одамна посакувала да соработува со него.

– Јавор за мене е еден од најдобрите режисери со кои досега сум работела. Се сеќавам дека уште како студент во студентските денови гледав негови претстави со кои гостуваше на МОТ кај нас, но одев да го гледам и во „Иван Вазов“ во Софија. Одамна го следам како режисер и отсекогаш имав желба да играм во негова претстава. Кога дознавме дека тука ќе ја работи „Бесачи“, со голема радост се појавив на кастингот и бев пресреќна кога ја добив улогата. Буквално, скокав од радост – вели Ризова и додава дека „Бесачи“ е нешто најразлично од она што досега го имале на репертоарот, па затоа смета дека публиката ќе ја прифати одлично.

Иако млада, Ризова има соработувано со повеќе странски режисери, а особено во нејзината кариера се издвојува соработката со Андриј Жолдак, кој ја избра и за „Електра“ и за „Соларис“.

-Сум играла речиси кај сите странски режисери кои гостувале кај нас. И одлични биле сите тие процеси, иако, на пример, со Андриј Жолдак беше тежок и напорен процесот. Тој од мене извлече многу скриени работи и со тоа ме созреа – додава Ризова.

По подолг период на сцената повторно се сретнува со својата колешка Камка Тоциновски. Двете играа во „Електра“, чија премиера беше во 2014 година. Сега во „Бесачи“ Тоциновски ја игра мајката на Ширли, односно Ризова.

-Со сите колеги имам одлична соработка, тука сме како една фамилија. Драго ми е што повторно ќе бидеме партнери на сцена со Камка, бидејќи имаме некоја посебна конекција. Таа е една од најдобрите глумици и е одличен партнер – вели Ризова.

Ивана Настеска
фото: Борис Грданоски