Дански „Маерск“ го стопира контејнерскиот транспорт на стоки за руски компании


Данската компанија за логистика „Маерск“ најави дека привремено го стопира контејнерскиот транспорт на стоки за Русија, согласно санкциите воведени против Москва заради воениот ангажман во Украина.

„Бидејќи санкциите веќе директно и индиректно влијаат врз нашата деловна стабилност, новите резервации за транспорт на контејнери по море и на копно кон и од Русија превремено се прекинуваат“, се наведува во соопштението од компанијата.

Прекинот на испораки ги опфаќа сите руски пристаништа и видови стока, со исклучок на доставата на храна, медицински препарати и хуманитарна помош.

„Маерск“ превезува контејнери на рути за Санкт Петерсбург и Калининград на Балтичкото Море, Новоросиск на Црното Море, како и до Владивосток и Восточни на источниот брег на Русија. Компанијата е сопственк и на 31 отсто од акциите во рускиот пристанишен оператер „Глобал портс“ што поседува шест терминали во Русија и два во Финска.

„По однос случајот со Глобал портс, настојуваме да ги почитуваме санкциите и ограничувањата што постојано се менуваат“, велат од „Маерск“.

Претходно одлуки за прекин на вршење услуги за руски клиенти донесоа и „Ocean Network Expressu (ONE)“ со седиште во Сингапур, германскиот „Hapag Lloyd“ и швајцарскиот „MSC“.

Инаку, данската компанија поради руската инвазија контејнерскиот превоз за Украина го врши преку пристаништето Пивдении, 30 километри западно од Одеса. Во Русија „Мерск“ има околу 500 вработени.