Данската кралица и шпанскиот крал позитивни на Ковид-19


Данска/Шпанија – Кралицата Маргарет II од Данска и шпанскиот крал Филип VI се позитивни на коронавирус, соопштија денеска двете кралски семејства.

Кралица Маргарет (81) имаше само благи симптоми, а дека е позитивна беше откриено претходната вечер, се наведува во соопштението на кралското семејство.

Кралицата моментално се наоѓа во замокот Амалиенборг во Копенхаген, а откажано е нејзиното планирано зимување во Норвешка, кое требаше да почне денеска.

Данскиот кралски двор се придржува до упатствата на надлежните здравствени институции, а кралицата веќе примила три дози од вакцината против коронавирус.

Кралот Филип од Шпанија, исто така, имал поблаги симптоми во текот на ноќта и ќе остане во изолација една недела.

„Здравјето на неговото височество е добро и тој ќе продолжи со институционалните активности од неговата резиденција“, соопшти кралската палата, додавајќи дека кралицата Летиција и нивната ќерка принцезата Софија немаат никакви симптоми.