Данската кинотека го прогласи „Исцелител“ за филм на месец ноември


Данската кинотека, под покровителство на „Данскиот филмски институт“ го прогласи филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески за филм на месец ноември.

Со тоа, филмот ќе добие 8 проекции, свртувајќи го вниманието на филмските критичари, професионалците и публиката.

Секој месец, уредничкиот тим на кинотеката одбира филм за кој мисли дека заслужува да се прикаже на големо платно во нивната престижна институција.

„Ќе бидеме во неверојатно друштво, филмови на месецот претходно беа ремек-делата на светската кинематографија: „Елена“ на Андреј Звјагинцев, „Молитва пред мугра“ на Жан-Стефан Саува и „Јавачот“ на Клое Жао“, се наведува на официјалната Фејсбук страна на филмот „Исцелител“.

Данската кинематографија е една од најстарите и најпрестижните во светската филмска историја, дом на филмските великани Карл Теодор Дреер, Ларс фон Триер, Томас Винтерберг и Николас Виндинг Рефн. Првата филмска проекција се одржала во Копенхаген во далечната 1896, само една година по првата проекција на филм воопшто.