Данска воведува такса за патници во воздушниот сообраќај


 

Данската влада планира да воведе посебен данок за патниците во авионите. Тоа во просек треба да изнесува околу 13 евра по лет, а собраните средства меѓу другото ќе се искористат за поддршка на одржливата транзиција на воздухопловната индустрија.
Со ова Данска ќе им се придружи на Германија и Шведска кои веќе имаат сличен данок.
Како што објасни деновиве данскиот министер за финансии Јепе Брус Кристенсен,  износот на данокот од 2025 година во просек ќе биде околу 70 дански круни (9,39 евра), а во 2030 година ќе достигне 100 дански круни (13,31 евра), пренесува ДПА.

За летови во Европа, патниците ќе треба да платат такса од околу осум евра, за подолги патувања, на пример до Њујорк, околу 32 евра, а до Бангкок околу 52 евра.

Данска не е единствената земја која одлучила да воведе ваков данок. Пред неа на сличен потег се одлучија и Германија и Шведска. Првата воведе данок на авионски билети во 2011 година.

Данската влада очекува со помош на таксата за патници во воздушниот сообраќај до 2030 година државниот буџет да се наполни со дополнителни 160 милиони евра. Средствата ќе бидат искористени за поддршка на транзицијата на воздухопловната индустрија кон поеколошки мотори и на помали аеродроми за кои се очекува најмногу да ги почувствуваат ефектите од данокот.

Данскиот министер за транспорт Томас Даниелсен најави и воспоставување на шема за финансиска поддршка вредна 107 милиони евра, која ќе им овозможи на аеродромите и авиокомпаниите да тестираат еколошки технологии.