Данска од 2025 година воведува зелен данок за патниците во авионите


Данска воведува данок на патниците во авионите за да помогне во финансирањето на транзицијата на воздухопловната индустрија кон позелени практики, што ќе биде постепено воведено од 2025 година, соопшти данската влада.

Во ноември, владата предложи да се воведе просечен данок од 100 дански круни или 13,14 евра за воздушниот сообраќај за да помогне во финансирањето на зелената транзиција на воздушниот транспорт, чија цел е да овозможи целосно користење на одржливи горива на сите домашни летови до 2030 година.

Според договорот, данокот ќе достигне околу 50 дански круни по патник на европските летови до 2030 година, 310 круни за летови на средни релации и 410 за летови на долги релации, се наведува во соопштението за печатот на данското Министерство за јавни финансии.

Транзитните летови, кои поаѓаат по застанувањето на данскиот аеродром, ќе бидат изземени, се вели во соопштението.