Данска ѝ нареди на Русија да го намали бројот на луѓе во амбасадата во Копенхаген


Данска одлучи да го ограничи бројот на руски дипломати во амбасадата во Копенхаген на пет, а бројот на административниот персонал на 20, принудувајќи ја Москва да повлече дел од персоналот, соопшти данското Министерство за надворешни работи.

„Одлуката за воведување на принципот на еднаквост во однос на големината на двете амбасади значи дека руската амбасада во Копенхаген мора да го намали сегашниот број на персонал“, се додава во соопштението.

Одлуката за намалување на бројот на вработени мора да се спроведе до 29 септември. Засега не се знае колку дипломати и друг персонал треба да ја напуштат руската амбасада.

Данска и Русија веќе подолго време преговараат за визите на вработените во данската амбасада во Москва за да се одржи доброто функционирање на амбасадите, како во Русија, така и во Данска, се наведува во соопштението. Преговорите не вродија со плод поради постојаните обиди на руската страна во преговорите да ги внесе визите за руските разузнавачи, објаснуваат од Министерството.