Данска и Ирска ги затворија училиштата и универзитетите


Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, објави затворање на сите центри за нега, училишта и универзитети за две недели.

„Ова ќе има огромни последици, но алтернативата би била далеку полоша. Во нормални околности, владата нема да претстави вакви далекусежни мерки без да ги подготви сите решенија за многу засегнати Данци, но ние сме во вонредна состојба“, изјави Фредериксен

Во Данска има 615 потврдени случаи на коронавирус.

Малку подоцна и ирскиот премиер, Лео Варадкар, најави затворање на сите училишта, универзитети и установи за грижа за деца од утре, како дел од делумно заклучување што ќе важи од 18 часот вечерва до 29 март.

Сите собири во затворен простор од 100 луѓе или повеќе и собири на отворено од 500 или повеќе ќе бидат откажани.

Јавниот транспорт сè уште ќе работи, а продавниците ќе останат отворени.

„Знам дека дел од ова доаѓа како вистински шок. И тоа ќе вклучува големи промени во начинот на кој ги живееме нашите животи. Знам дека ова ќе бара од луѓе да прават огромни жртви. Но тоа го правиме едни за други“, рече Варадкар.

Претходно, Индија го забрани влезот на сите странски туристи за еден месец почнувајќи од утре во обид да го запре ширењето на вирусот.

Забраната за странски посетители вклучува странски државјани со индиско потекло. Само дипломати, официјални претставници и членки на меѓународни организации, како ООН, се ослободени од забраната.

Потегот за зголемени ограничувања дојде откако бројот на заразени лица се искачи на 73. (Според агенциите)