Данокот на солидарност од 90 милиони се „стопи“ на 50 милиони евра

Компаниите, наместо до денес, ќе мора да се „отчетаат“ до 10 октомври пред Управата за јавни приходи со цел да се утврди нивната даночна обврска


 

Законот за данок на солидарност денеска беше објавен во „Службен весник“, а поради сите оддолжувања кои го следеа неговото донесување во Собранието, компаниите наместо до денес, ќе мора да се „отчетаат“ пред Управата за јавни приходи до 10 октомври со цел да се утврди нивната даночна обврска.

Се стопија и очекуваните приходи во Буџетот од овој данок. Вечерва во гостување на ТВ 24 вести, министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека наместо првично предвидените 90 милиони евра, фискалните ефекти од оваа еднократна и вонредна давачка се очекува да изнесуваат 50 милиони евра.

Во соопштението на официјалната интернет страница на УЈП, се вели дека покрај Законот за данок на солидарност, објавен е и Правилникот за формата и содржината на образецот на даночниот биланс за оданочување со данок за солидарност и образец „ДБ-ДС“ составен дел на Правилникот.  

„Заради задоцнета објава на Законот и Правилникот во Службен весник на РСМ, каде е предвиден рок за поднесување на образецот ДБ-ДС- даночен биланс за данок на солидарност 25.09.2023 година, се информираат даночните обврзници дека овој рок се продолжува до 04.10.2023 година“, се вели во соопштението на УЈП.

Во него исто така се посочува дека согласно Законот за данок за солидарност, обврзник на данокот за солидарност е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615 милиони денари.

Даночната основа за данокот за солидарност се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година (АОП 49), се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди 2018, 2019 и 2021 година зголемен за 20 отсто.

Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди 2017, 2018 и 2019 година зголемен за 20 отсто.

Во случај на статусна промена, при утврдување на даночната основа за пресметување на данокот за солидарност, просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди (2017, 2018 и 2019 година односно 2018, 2019 и 2021 година) се зголемува за 30 отсто.

Даночниот обврзник е должен да ја утврди даночната основа врз основа на образецот „ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“. Образецот ДБ-ДС се поднесува до Управата за јавни приходи електронски преку системот е – Даноци, појаснуваат од УЈП.

Инаку, овој данок предизвика жестоки реакци од страна на бизнис заедницата кој го доживува како данок за успешност. Бизнисмените сметаат дека тој ќе ги оптовари нивните биланси, како и можноста да инвестираат во нивниот натамошен развој. Исто така, тие сметат дека оданочувањето е ретроактивно, како и дека тие веќе ја имаат распределно нивната добивка од минатата година, па сега ќе мора да земаат кредити за да ја платат обвската кон државата.

Од Стопанската комора најавија дека ќе го оспорат пред Уставен суд. 

„Нашите правни тимови велат дека по неколку основи тој Закон ‘лебди во воздух’ и има основа да биде оспорен пред Судот. Очекуваме Законот да биде повлечен, пред сѐ затоа што е ретроактивен, не е принципиелен, се однесува само на одредена група компании и не ја исполнува целта за која е наменет“, изјави денеска извршниот директор на Комората, Антони Пешев пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

Министерот за финансии Фатмир Бесими (Фото: Б. Грданоски)

Според министерот за финансии, Бесими, законската обврска е јасна и треба да се спроведе.

Тој објаснува дека на компаниите поради доцнењето во донесувањето на законот, како и поради отсуство на претседатеот на државата, кој беше во Обединетите нации, законот бил потпишан денес, и поради тоа се дадени дополнителни седум работни денови за поднесување на обрасците до УЈП.

„Има една табела која се пополнува, сите податоци фирмите ги имаат во нивните биланси, се става колку е добивката во 2022 година, колку во 2021 и назад до 2017 со исклучок на 2020“, објасни Бесими ба ТВ 24, додавајќи дека компаниите ќе одберат која опција е поповолна за нив, дали соодност на 2022 во однос на претходните три години (без 2020) или пак, просекот од 2021 и 2022 во однос на претходните три години (исто така без 2020).