Данокот на добивка за ИТ-секторот не се намалува со најави


Намалувањето на данокот на добивка за компаниите од ИТ-секторот никако да прејде од најави во дело. СДСМ го најави прв пат во „Планот за живот“, изборната програма за парламентарните избори во 2016 година. Потоа влезе во првата програма на новата влада 2017-2020, каде што беа најавени даночни олеснувања за сите ИТ-компании кои извезуваат софтвер и услуги, како и намалување на данокот на добивка за информатика и информациски технологии на 5 проценти. Премиерот Зоран Заев во повеќе наврати објаснуваше дека Владата размислува за намалување на данокот на добивка за информатичките компании за да ги мотивираат големите компании од ИТ-секторот, од типот на „Гугл“ да дојдат во Македонија. Тој најавуваше дека ќе биде симнат на 3 проценти од сегашните 10.

„Македонија е едно микроподрачје, апсолутно со клима целосно подготвено да биде центар на информатичките технологии. Се работи за пакети, јас ги гледам од тој аспект, за да има нови работни места, нови инвестиции и поголем бруто-домашен производ“, рече Заев на една од прес-конференциите.

И министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вчера пак рече дека ова намалување ќе се случи многу скоро.

„Се надеваме дека голем број домашни и странски компании ќе ги зголемат своите капацитети, ќе отворат нови работни места со многу подостоинствени плати, како што тоа го нудат ИТ-компаниите“, изјави на панел-дискусијата „Дигитализација 2019 во Република Северна Македонија“ министерот Манчевски.

Манчевски: Ако имате електронски документ, никој не смее да ви бара хартиен

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски изјави дека со неодамна донесените закони за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, дигиталните документи стануваат паралелно важечки, како и хартиените и дури и добиваат поголема предност.

„Ниту една институција нема да смее да ви бара документ на хартија согласно новиот закон доколку го имате електронски, а досега не беше така“, рече Манчевски.

(А.С.)