Даноци и придонеси не плаќале Самсоненко, Боки 13, МРТВ…


Звучни имиња кои некогаш, а некои од нив и сега, се сметаа за бизнис елита се наоѓаат на последната црна листа на неплаќачи на данок што УЈП редовно ја објавува. Најголем дел од неплаќачите се редовни „гости“ на оваа црна листа.

И понатаму, кумановскиот тутунски бос Бајруш Сејдиу ѝ должи на државата 1,8 милиони евра и тоа затоа што не си платил персонален данок на свои лични приходи надвор од плата. За неплатен персонален данок во висина од 130.000 евра, на црната листа се најде и името на струшкиот бизнисмен Георги Миладинов, познат како газда на „Кимико“ и еден од браќата што водеа спор со МПЦ за хотелот „Изгрев“.

На црната листа е и Фудбалскиот клуб „Вардар“ на рускиот бинисмен Сергеј Самсоненко, кој должи 374.000 евра, а најголем дел од овој долг – 364 илјади евра е за неплатен пероснален данок од плата, што значи дека газда Самсоненко не им плаќал плати на играчите и на вработените.

На врвот на листата на должници е друштвото за производство на електрична енергија и топлина „Те-то“ со долг од 18,8 милиони евра. Ова фирма има натплатен ДДВ од 702 илјади евра, но маката и е од неплатениот данок на добивка во висина од 19,5 милиони евра. Добивката, како што објаснуваат упатените, во најголем дел доаѓа од отпишаните побарувања што се случиле кога компанијата пред година и пол прогласила стечај што траел еден ден. Тогаш биле отпишани побарувања од 150 милиони евра, но и на нив мора да се плати 10 проценти данок.

Јавните претпријатија, особено комуналните, како и Македонската радио-телевизија никако не се раздолжуваат со државата. УЈП, пак, не може да блокира јавно претпријатие кое врши суштински важна дејност за населението. Затоа нивните долгови, од извештај во извештај само се пресликуваат, но на голем дел од нив и се зголемуваат.

Најголемиот должник меѓу јавните претпријатија, веќе долго време е ЈП за државни патишта со долг од речиси 4 милиони евра. Водостопанство на Македонија за даноци должи 146.000 евра, а долгови редовно имаат и комуналните претпријатија.