Даночно советување – нова алатка на Делегацијата на германското стопанство


Делегацијата на германското стопанство ја поздравува одлуката на Владата со која 12-те партнер-компании во делот на дуалното стручно образование ќе продолжат со практична обука на учениците со што ќе им се овозможи да продолжат со редовното образование и навремено матурирање. Компаниите ќе се придржуваат до сите мерки и протоколи за зачувување на здравјето, како на вработените, така и на учениците, вели Патрик Мартенс, Директор на Делегацијата на германското стопанство во неговата Утринска телеграма.
Голем дел од компаниите во време на криза носат одлуки за намалување на трошоците. Кај повеќето од нив, продажбата на добра и услуги не се одвива според плановите кои беа поставени на почетокот на оваа година. Со стручна даночна анализа може да намалите дел од постоечките трошоци, се вели во пораката.
„Делегацијата на германското стопанство го засили својот тим со експерт за даночно и царинско советување. Изготвуваме анализи за избегнување на двојното оданочување согласно домашните и меѓународните даночни прописи. Вршиме даночно советување. Тука сме за Вас за што побрзо заеднички да ја надминеме оваа економска криза“, вели Мартенс.
„Особено не радува дека границите на Северна Македонија се отворени за деловни патувања. Влегувањето во земјата се одвива без посебни ограничувања. Истата транспарентност и безбедност мора да биде овозможена и при влез во Германија. Деловните патувања се првиот чекор за нови инвестиции и одржување на постоечките индустриски капацитети, и сметаме дека овие факти политиката мора да ги има во предвид“, нагласува Директорот на Делегацијата на германското стопанство .

Осврнувајќи се на формирањето на новата влада, Мартенс во обраќањето вели дека  СДСМ и ДУИ минатата недела релативно брзо се договорија за формирање на нова влада откако обете партии се согласија да назначат технички премиер со албанско потекло сто дена пред следните парламентарни избори.

„Партиите се согласија да ги спроведат сите реформи потребни за пристапување на земјата кон Европската унија, да се борат против корупцијата на сите нивоа, да го зајакнат судството, да се интензивира борбата против загадувањето, како и борбата со корона вирусот која мора да има приоритет. Северна Македонија сè уште е погодена од КОВИД-19 и има голем број на заболени лица. На претседателот на владата, Зоран Заев и на сите членови на владата им посакувам успех во нивната работа.
И во иднина ќе останеме конструктивен и критичен набљудувач на стопанската политика на владата и ќе служиме како гласноговорник на инвеститорите“, вели Мартенс во неговата Утринска телеграма.