Даниловски: Земјава добро се справи со корона кризата


Фото: Б. Грданоски

Епидемиологот и доктор Драган Даниловски смета дека земјава добро се справила со ширењето на коронавирусот и оти тоа немaло да може да го направи со полабави мерки. Останува, вели тој, да се надеваме дека вирусот како што се појави за три месеци ќе исчезне, како што велат одредени експерти, но секако треба да сме подготвени да дејствуваме и да се однесуваме во случај тој да остане подолго меѓу нас.

-Посакувам да не ни треба колективен имунитет, туку тој едноставно да го снема, меѓутоа не можам да се обложам на тоа, рече Даниловски во емисијата „Само вистина“, додавајќи дека за имунитет на населението ќе бидат потребни една до две години. Друга моќност, рече, е да се најде лек или да се дојде до вакцина, што е малку веројатно дека ќе се случи скоро.

Земјава вели не можела да се справува со вирусот со полабави мерки, како што тоа го направила Шведска, затоа што таа земја има поголеми здравствени ресурси, но и дисциплинираност на населението.

Епидемиолот Даниловски се надева дека денешното зголемување на бројот на новозаразени не е резултат на  претерано опуштање во некои делови на земјата во минатиот период. Смета дека полицискиот час, во зависност од бројките, ќе биде релаксиран и потоа укинат.

-Откако ќе се укине тешко дека ќе се воведе уште еднаш, затоа што ќе пропаднеме како држава. Тој е смрт за економијата. Мора луѓето да сфатат дека ова не е мајтап и сметам дека наредните мерки ќе бидат во дисциплината на граѓаните, рече Даниловски.