Данела со ново обраќање: Смислиле ново сценарио, да ме обвинат за пожарите

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, реагираше утрово на обидите од власта неа да ја посочат како виновна за нападот што го доживеа вчера додека покажуваше на терен како се толерира градење дивоградби во Чаир. Повод беше интервјуто на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој сугерираше дека треба да се почека со заклучоци- за да не испадне дека тој што тврди дека е напаѓат прв нападнал.
-Вчера заседавале во штаб на состанок за справување со кризата “шефе ми текна, а да кажеме таа го тепала командантот на ОВК”. Смислиле ново сценарио, кога ќе имало пожари, да кажеле дека јас сум виновна, ги организирам за да ја дестабилизирам државата. И, со цел памет ова по пораки го пишувале по амбасадори да го најавеле планов кој го добиле од “сигурни” разузнавачки извори.Срам имате ли, заедно со вашите сакани команданти од ОВК?- напиша денес Арсовска.
Таа претходно го објави видеото на кое се гледа како сопственикот на дивоградбата тргнува кон неа за да ја нападне и дека има полиција додека се случува тоа.
„Се чувствував како во Бејрут, се создаде толпа во Чаир затоа што видоа дека никој не нѐ штити, со нас имавме само двајца полицајци, а таму се насобраа многу луѓе. Еден се закануваше дека ќе фрли столица, изјави градоначалничката на Инфомакс . Таа низ солзи упати прашање до министерот Панче Тошковски дали има срам и образ.
„Го гледав Тошковски денеска, имаш ли бре човеку срам? Тоа траеше околу еден час, бевме како во Бејрут, чекаме со часови интервентна полиција да дојде да не извади од Чаир. Ми се закануваат по животот на детето, по мојот живот. Имате должност да ги заштитите сите граѓани“, нагласи Арсовска која додаде дека три или четири часа била во болница заедно со останатите од екипата на Град Скопје кои исто така беа нападнати.
Таа потсети дека три години пријавува дивоградби, никој не постапува, а пред неколку месеци почнале и заканите од Висар Ганиу.
„ Тоа е комплет дивоградба, треба да платат 100.000 евра комуналии како и 150-те згради на Висар Ганиу што немаат платено. Има незаконски приклучок на вода и струја, им го поткопале тротоарот на комшиите, може да падне цел бетонски столб и ископано е под тротоарот. Нам ни пријавија соседи таму, се што е на булеварот е надлежност на Град Скопје. Пред некое време пријавивме во МВР, луѓето пак пријавија вчера, има плоча, темели, има втор-трет спрат. Луѓето сакаат да се постапи, некој да ги заштити“, објасни Арсовска која истакна дека по барање на вработените во Град Скопје излегла на терен заедно со нив.
Според Арсовска МВР му дозволува да гради, бидејќи се е уредно пријавено во МВР, а градбата е карши самата полициска станица.
„ Кога пристигнавме таму пратиле едно момче 25-6 години кое почна да урла дека имал право да гради, пет фамилии ќе живееле таму, имале право да градат. Јас му реков дека не требало него да го пуштат, имаат право да градат ако си платат комуналии и во тој момент ме напаѓа командантот на УЧК“, објасни Арсовска.
За видеата кои беа објавени на провладини медиуми градоначалничката вели дека двете снимки се службено прибавени од МВР, што значи дека некој од МВР ги испратил снимките до медиумите.
Истиот човек ми се закануваше на Фејсбук од пред 6 дена, јавно е објавен, вели Арсовска.
Нападот врз Данела Арсовска предизвика многу реакции. Претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска порача дека живееме во држава каде ако си жена на функција и покажиш храброст те прогласуваат за нестабилна, недоветна, забегана… и да, дека “прва” клоца маваш!
„И ова не важи само за Данела туку буквално за секоја жена во оваа држава која се занимава со политика!Апсолутно не смее да се нападне ни физички ни вербално НИКОЈ, а најмалку жена, ама одамна во нашата држава ненормалното е нормално и секој ден тониме се подлабоко и подлабоко.И после немало жени во политика, се помалку ќе има, оти денес да беше на местото на Данела некој МАЖ ОД ВЛАСТА досега и поддршка и обезбедување ќе имаше од цела Влада.
Државата денес капитулира, институциите умреа, а насилството победи“, порача таа.
Реагираа и лидерот на СДСМ Венко Филипче, ДОМ, Левица и други од опозицијата а од власта беа зафатени со монтирање докази против Арсовска и штитење на насилникот.
„Повеќе часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда. Молкот понекогаш зборува погласно од зборовите. И не се работи само за напад врз градоначалничката и службениците од Градот. Се работи за тоа дали секој од нас може без страв да се спротивстави на криминалот. Пораката што власта ја испраќа е дека секој кој ќе се обиде да го обелодени нивниот криминал ќе се соочи со опасност по личната безбедност. Ова е страшно и недозволиво.
За една година безбедносната состојба во државата катастрофално се влоши. Безбедноста на граѓаните, правдата, заштитата од институциите практично не постојат. Ова е нешто што треба сериозно сите да нè загрижи.Барам итно да се осудат насилниците и барам итно да се поведе постапка против службениците на МВР кои не постапиле и не ги заштитиле претставниците на Градот“, порача Филипче.
„Без разлика на политичките разлики или несогласувања, насилството е неприфатливо и мора да биде јасно санкционирано. Овој инцидент го надминува прашањето на лична безбедност, станува збор за напад врз жена во политика, врз носителка на јавна функција и врз институционалниот интегритет.
ДОМ потсетува дека со години се залага за безбедна јавна средина, политичка култура без насилство и поддршка за жените во политика и јавниот живот. Денешниот настан покажува дека тие заложби не се декларативни, туку итно неопходни.
Молкот од институциите во вакви случаи може да значи само охрабрување на насилството и легитимизација на урбаната мафија, која го претвора јавниот простор во Скопје во зона на страв, закани и неказнивост.Бараме брза, одлучна и транспарентна интервенција од МВР и Јавното обвинителство за ваквите случаи како и за инцидентот со советничката Ирина Витина никогаш повеќе да не се повторат во иднина“, се наведува во соопштението на ДОМ.
Се огласи дури и француската амбасада која пораче дека насилството врз избраните функционери е неприфатливо и неоправдано и дека почитувањето кон другите и кон претставниците на народот е суштинска вредност на демократијата.Осудата на овој напад значи одбивање да се дозволи тој да стане секојдневие, објавија од амбасадата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоча во гостувањето на ТВ Сител изрази жалење и осуда за инцидентот во којшто беше вклучена градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, појасни какви дејствија презело Министерството и ја повика Арсовска да не бега од МВР и од институциите. Тој негираше дека МВР не постапило по денешниот инцидент.
„Повторно само на Фејсбук парадираме, на социјални мрежи, а притоа таа не го потпишала записникот. И сега се поставува прашање, да не случајно жртвата во овој случај којашто се прикажува во јавноста, е токму оној што предизвикал физички напад. Би ја замолил да не бега од МВР, од институциите. Изразувам длабоко жалење и осудувам било каков напад без оглед кој е нападнат во ситуацијава. Особено осудувам напад врз жена, особено ако таа жена е избрана на избори и застапува градоначалник. Но, да не случајно, излезе на крајот, сето ова, да не е едно добро смислено сценарио за политички циркуз, каде што жртвата ќе биде токму оној кој сторил физички напад, бидејќи добивам некои такви информации, не знам, претпоставувам“, наведе Тошковски.
„Не смееме да дозволиме никој да се чувствува небезбеден во Македонија, но и не смееме да дозволиме некој грубо да ја манипулира македонската јавност. Ова што се случи денеска од аспект на физичко насилство без оглед кој го презел, го осудувам и ќе бидат преземени сите дејствија во насока на расветлување. Доколку се утврди дека гледале и не презеле дејствија, ќе бидат спроведени во најбрза постапка. Јас се уште не сум видел ништо, но ме уверуваат дека фактичката состојба била многу поинаква од тоа што е презентирано досега во јавноста. Известен е и јавен обвинител, а оние за кои што градоначалничката трвди дека ја нападнале се моментално во полициска станица и се постапува по наредба на јавен обинител“, потенцира Тошковски.
Од МВР синоќа лиферуваа и снимка од безбедносните камери на која се гледа како Арсовска го удира напаѓачот со клоци што треба да е доказ за тврдењата на Тошковски, но и од неа е јасно дека напаѓачот оди кон неа, а не таа кон него и дека се брани.
Арсовска возврати дека во оваа држава очигледно правда не може да се очекува затоа што полицијата ги штити криминалците како и во нејзиниот случај.Таа вели дека наместо да постапува МВР, инспекторите ја прашувале Арсовска што барала на тоа место во Чаир.
Хелсиншкиот комитет за човекови права циниѓа побара итна и независна истрага за случајот, одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот, кривично пријави против сторителите и соодветна постапка против нив, обезбедување ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени лица кои биле нападнати и осуда на нападот од страна на сите политички и општествени чинители.