Данела Арсовска тврди дека никој во Европа немал достигнувања како неа


На денешната во еден сегмент напната прес-конференција на независната кандидатка за градоначалник на Скопје (поддржана од ВМРО-ДПМНЕ), Данела Аросвска изјави дека имала достигнувања кои ниту еден човек во Македонија не успеал да ги направи и „имам достигнувања кои ниедна индивидуа во Европа не успеала да ги направи“.

Одговарајќи на провокативните прашања на Саше Ивановски – Политико, околу тоа како таа станала претседател на Сојузот на стопанските комори (тој ја нарече оваа организација „вмровска комора“), како станала почесен конзул на Унгарија (чија влада и нејзиниот премиер одржуваат блиски односи со ВМРО-ДПМНЕ) и со каков бизнис се занимава, Арсовска одговори дека не се занимава со бизнис, туку дека е интелектуалец.

„Јас не се занимавам со никаков бизнис. Јас сум човек интелектуалец со интегритет, јас сум правник и економист, и во последниве 15 години сум вклучена и креирам политики и на национално и на меѓународно ниво.

Имам достигнувања кои ниту еден човек во Македонија не успеал да ги направи; имам достигнувања коишто ниедна индивидуа во Европа не успеала да ги направи“, рече Арсовска, по што пресот заврши поради кошкања на нејзиното обезбедување и Саше Ивановски.

Претходно, Данела Арсовска изјави дека нѐ ѝ се допаѓа „Скопје 2014“ и дека таа е за модерни зданија и модерен изглед на Скопје.