Данела Арсовска и Стевчо Јакимовски во вербална и друга војна

Двајцата градоначалници од опозицискиот камп велгоа во зоната на меѓусебни обвинувања и „одмазда“. Дали „Комунална хигиена“ не сака да чисти во Карпош


 

Тие се од исто опозициско мнозинство, но не можат да се разберат еден со друг. Па односите полека преминуваат во нетрпеливост.

Градоначалничката на Скопје и првиот човек на општината Карпош 40 дена по стапувањето на должноста влегоа во конфликт од кој не само што не излегуваат, туку и го продлабочуваат. Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера објави дека во неговата општина имало само тројца вработени од „Комунална хигиена“ кои речиси ништо не работеле, а денеска дојде „одмазда“ од градското комунално претпријатие, кое е под надлежност на градоначалничката Данела Арсовска. Четворица инспектори од „Комунална хигиена“ денеска дошле во Општина Карпош и им забраниле на општинските работници да фрлаат ѓубре во градските контејнери.

Стевчо Јакимовски веднаш за тоа се пожали на Фејсбук профилот на општината, објави видео во кое вели дека инспекторите се пратени како одмазда, откако тој вчера соопшти дека никој не ги чистел улиците во Карпош.

„Откако вчера објавивме дека во Карпош има само тројца вработени на ‘Комунална хигиена‘ од кои едниот работи, а другите двајцата седат, раководството ни прати комунални инспектори кои на нашите служби им кажаа дека не смеат да фрлаат ѓубре и хартија во нивните контејнери, тоа било нивни мираз. Ова што се случи може да го сместиме во рубриката ‘верувале или не’. ‘Комунална‘ нема да ни прати работници за чистење, ама затоа имаат 4 комунални инспектори кои ги пратиле да нè дисциплинираат, односно да ни ја затнат устата наместо да се фатат за метлата“, обвинува Стевчо Јакимовски.

Тој нагласува дека денеска повторно направиле испекциски надзор и го документирале со видео запис, со кој покажуваат дека никој од „Комунална хигиена“ не чистел во Карпош.

„Не може во Општина со 24.500 домаќинстав, од каде е највисоката наплатата на данок на имот, да има само тројца работници. Мојата работа никој не ја работи, но немам намера да ја работам нивната работа. Секој што зема народни пари треба да си ја работи својата работата. И наместо да се засрамат, гледајте со какви работи се служат. Ова покажуваат како сакаат да практицираат власт во Општина Карпош, но да им кажам дека ќе наидат на сериозен отпор“,  рече Јакимовски.

Ова е само продолжение на судирот меѓу Данела Арсовска и Стевчо Јакимовски откако во средината на декември градоначалникот на Карпош се пожали дека подолго време не може да стапи во контакт со градоначалничката на Скопје.

„Имам потреба вака јавно да се обратам. Веќе 45 дена го молам Градот Скопје да назначи комисија за урбанизам, бидејќи старата комисија е суспендирана, а немаат назначено нова за да го одобри деталниот урбанистички план за којшто ние сме тужени, а тужителот бара 15 милиони евра отштета. Досега имав средба со јавниот правобранител и со правобранителот кој го води предметот. Инсистираат планот итно да се донесе и на инвеститорот да му се понуди парцелата која е суспендирана со поништување на планот. Ова е последниот начин со кој што можам евентуално да влијаам за позитивно решение на проблемот за Општината Карпош да не биде доведена во тешка материјална состојба“, напиша Јакимовски тогаш исто на Фејсбук.

Од Градот Скопје веднаш му возвратија дека сакал да изврши медиумски притисок врз нив и отфрлија секаква вина.

„Градот Скопје не учествувал во постапката за поништување на претходниот урбанистички план во Општина Карпош, за да преземе каква било одговорност за било каква штета настаната поради суспензија на претходен урбанистички план, ниту учествувал во постапката за продажба на земјиштето. Градоначалникот на Карпош наместо вината да ја бара во неговиот претходник, се обидува да изврши медиумски и институционален притисок врз Градот, за позитивно мислење на одреден урбанистички план“, соопштија тогаш од кабинетот на Арсовска.

И Данела Арсовска и Стевчо Јакимовски беа избрани со целосна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг на изборите, иако и двајцата не се членови на опозициската партија. (Н.В.)