Данчила ќе се кандидира за претседател на Романија


Романија- Романската премиерка Виорика Данчила во ноември ќе се кандидира за претседател, одлучи вчера раководството на Социјалдемократската партија, во обид да го спречи досегашниот претседател Клаус Јоахис да освои втор мандат.

Нејзината кандидатура треба да се потврди и на партискиот конгрес кој ќе се одржи на 3 август, но по состанокот Данчила рече дека иако „изборната ситуација не е лесна“, верува во себе и во нејзините колеги.

Романската премиерка, која има 55 години, претходното изјавуваше дека не сака да се вклучува во претседателската трка. Но таа беше подложена на притисок од страна на нејзината партија, особено откако беше избрана за партиски лидер.

Иако Социјалдемократската партија доминира во романската политика во последните три децении, таа од 2000 година не успеа да ја освои претседателската функција.

Претседателот Јоханис, кој доаѓа од десноцентристичките сили и отворено ја критикува Владата, веќе објави дека ќе бара втор мандат на изборите на 10 ноември.