Далмација и снегот: Сме заборавиле на кое поднебје живееме, многу им веруваме на автомобилите


Снежната бура во Хрватска, особено во делот на Далмација сѐ уште прави проблеми во сообраќајот; некои патишта се потполно затворени за сообраќај, по некои може да возат само автомобили со задолжителна опрема, а сообраќа и вонреден воз од Загреб до Сплит.

Снегот, кој наместа изнесуваше и 70 сантиметри, веќе тред ден прави проблеми во Далмација. Иако, камионите за расчистување постојано се на патиштата, бурата и силните ветришта одново ги затрупуваат коловозите.

Метеоролозите ја нарекоа бурата „Ѕверот од исток“

„Возачите се повикуваат да ги почитуваат ограничувањата на некои државни патишта кои се затворени за секаков вид сообраќај и да не тргнуваат на пат без задолжителна зимска опрема. Во тек е зимско одржување на патиштата и чести се застоите зад возилата на зимската служба кои поспоро се движат. Се молат возачите за трпение“, објави ХАК.

Целосно затворени се патиштата од Грачац до Книн, Грачац до Обровац, Свети Рок – Госпиќ, Госпиќ – Карлобаг и други.

Автопатот А6 од Риека до Загреб е отворен само за автомбили, како и Јадранската магистрала на некои места, и Пашкиот мост.

Од Сплит до Загреб и денеска вонреден воз

На релација Сплит – Загреб денеска освен двата редовни возови ќе има и еден дополнителен вонреден воз, со 135 седишта.

Редовните возови се со 360 седишта.

Проблемите со временските услови не се готови

Метеоролозите од Државниот хидрометеоролошки завод јавија дека денеска на сила е црвен аларм за Велебитскиот канал, што значи таму ќе дува многу силен ветар, а на места и силна бура. Портокалово предупредување има за Истра, Кварнер и Кварнериќ.

Предупредуваат на опасност од оштетување на конструкции, искорнати стебла и грнки што летаат. Можно е да им и прекин на доводот на струја.

Зимското време со врнежи од дожд и снег, како и силни ветришта продолжува до крајот на неделата, а особено опасно е под планината Велебит.

Денеска и утре се очекуваат врнежи од снег, а потоа треба да се внимава поради топењето на снегот да има голомразици.

Еден од најпознатите метеоролози во Хрватска, Зоран Вакула вели дека овие услови не се невообичаени.

„Да, падна околу половина метар снег дуваше силно, но во историјата наидуваме на многу посилни и потешки временски услови. Ми делува дека поради размерно благите зими со ретки вакви ситуации во последните децении, како малку да сме подзаборавиле во кое поднебје живееме, а можеби си допуштаме и повеќе отколку порано, потпирајќи се на авотпатите и на автомобилите… Требаше само да ги следиме временските прогнози и извештаите“, вели тој.

Препорачува, ако е можно да се почекува со патувањето, барем до викендот, кога се смирува времето, но ниските температури ќе потраат, а снегот нема нагло да се топи. Но, треба да се биде внимателен.

Претходните два дена, стотици луѓе заглавија по патиштата во Далмација, а беа отворени и четири прифатилишта, каде преспаа оние кои не можеа понатаму.