Дали знаете што е мизофонија?


Ако некогаш сте имале чувствителна реакција на одредени звуци како што се шмркање или кашлање, постои можност да имате мизофонија. Една нова студија, прва од ваков вид во Велика Британија, покажа дека речиси секој петти човек е погоден од мизофонија. Дали знаете што е тоа?

Според Клиниката во Кливленд, мизофонијата е дефинирана како „состојба што предизвикува силни емоции и реакции на одредени активирачки звуци.

„Мизофонијата е повеќе од само да се нервираш од звукот. Мизофонијата може да предизвика чувство на беспомошност и заробување кога луѓето не можат да избегаат од непријатниот звук“, вели вишиот автор на студијата д-р Џејн Грегори, од Катедрата за експериментална психологија на Универзитетот во Оксфорд.

Вообичаените активирачки звуци вклучуваат бучно џвакање храна (крцкање), отчукување на часовникот, тешко дишење, тапкање, кликнување со молив, капење вода, шушкање хартија или пластика. Реакциите може да предизвикаат чувства како што се анксиозност, лутина или паника, телесни процеси како што е забрзан пулс. Ако некое лице се чувствува вознемирено кога ги слуша звуците на нормалното дишење, може да има мизофинија, бидејќи овие звуци обично не го вознемируваат поголемиот дел од популацијата, се истакнува во студијата.

Не е познато што предизвикува мизофонија. Сепак, експертите се сомневаат дека тоа може да биде комбинација од неколку фактори како што се разликите во структурата на мозокот, семејната историја, генетиката или други состојби.

„Потребни се повеќе истражувања за да се разбере што предизвикува мизофонија и како можеме да им помогнеме на оние луѓе чии симптоми го попречуваат нивниот секојдневен живот“, истакнуваат лекарите. Исто така, утврдено е дека мизофонијата е подеднакво честа и кај мажите и кај жените, а просечната возраст на заболените е 43 години.

Истражувањето покажа дека луѓето без мизофонија, исто така, имаат тенденција да се чувствуваат вознемирени од одредени звуци – но не до степен до кој се чувствуваат оние со оваа состојба. Луѓето со мизофонија чувствуваат поинтензивни реакции и имаат поголема веројатност да доживеат возбуда, лутина или паника.