Дали зборот профит стана поважен од зборот совест-Порака на Стефоска на 41. Генерална конференција на УНЕСКО во Париз
Делегација од Република Северна Македонија учествува на 41. Генерална конференција на УНЕСКО, која од 9 до 24 ноември се одржува во Париз, Франција.
На денешната пленарна сесија, на која се разгледуваа генералните политики на УНЕСКО за 2021 година, од името на министерката за култура Ирена Стефоска, пред присутните се обрати амбасадорката Јадранка Чаушевска-Димов, постојан претставник на Република Северна Македонија во УНЕСКО.
Во своето обраќање, честитајќи го 75-годишниот јубилеј на Организацијата, Стефоска, меѓу другото, рече: „Дали удобниот живот на оваа единствена колоритна планета заврши откако зборот профит стана поважен од зборот совест? Или откако лошата вест стана прва вест.
Сеедно, сметката за плаќање стигна. Во овој век нашиот најголем предизвик е отворено да се соочиме со вистината колку сме кршливи. (How fragile we are)
Во справувањето со сиве овие предизвици, јас ја гледам големата слика. Убедена сум дека сите заедно, со УНЕСКО, сепак ќе успееме. Зашто УНЕСКО е синоним за мултилатерализмот, чувар и промотор на универзалните вредности, на хуманизмот, на солидарноста, на мирот, на толеранцијата, на слободата“.
На 41. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на која за генерален директор повторно е избрана г-ѓа Одри Азуле, се дискутира за стратегијата за периодот 2022 –2029 г., а ќе се усвојат препораките за етика на вештачката интелигенција и за отворена наука, како и програмата за одбележување јубилеи во рамките на УНЕСКО за следните две години, во чии рамки нашата држава ќе го одбележи јубилејот „100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов“.
Во рамките на 41. сесија на Генералната конференција се одржа и специјален настан со кој се одбележа јубилејот „75 години од основањето на УНЕСКО“. За овој настан, Македонската национална комисија активно се вклучи со свои прилози (документи, фотографии, видеоматеријали и пригоден спот со кој се честита јубилејот), кои се вградени во јубилејната публикација на УНЕСКО објавена во електронска форма.
Обраќање на министерката Стефоска до 41 сесија на ГК на УНЕСКО во Париз
Никој не можеше да претпостави со какви предизвици ќе се соочи светот по 40-тата сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во ноември 2019-та. За жал, светот се соочи со закана од смртоносен вирус. КОВИД-19 ја сопре планетата и го промени животот на сите нејзини жители.
Универзалните вредности се сведоа на битка за преживување, секој за себе. И покрај надежта дека светот ќе биде подобар по ова болно искуство, единственото добро што се случи е тоа дека планетата Земја накратко здивна од нашето невнимание кон неа. Оттаму, што е КОВИД-19 ако не имунолошки одговор на природата кон нас?! Ние повеќе од 2 века го игнорираме секој нејзин вресок. Научивме ли колку сме кршливи ?
За неполни две години изгубивме милиони животи, додека илјадници луѓе ќе имаат трајни последици. Светот е далеку од закрепнување од оваа светска пандемија. И наместо брзината на информирање на социјалните медиуми во оваа битка да биде предност, ние сме во битка и со нивното „второ лице“ – лажните вести, теориите на заговор и живот во виртуелен свет во кој нема ништо и никој.
Во оваа тажна, светска реалност не смееме да заборавиме дека како за КОВИДОТ, така и за информациите, нема граници. И двете нешта бараат будност и акција. На првиот проблем му се посвети науката, но за вториот, во кој на удар најмногу е младата популација, излезот е во квалитетно и современо образование. И затоа, потребно е да ги споделиме добрите искуства зашто светот одамна ја живее својата глобализација. Во таа смисла, во целост ги поддржуваме напорите да се исполнат задачите и заложбите на УНЕСКО, особено во справувањето со последиците од ковид-кризата во образовниот процес.
На многубројните предизвици на 21 век му се приклучи и уште еден сериозен проблем – интересот за атрактивни професии, кои, за жал, создадоа дефицит на кадар во исклучително значајни области за нас луѓето, како што е и заштитата на материјалното и на нематеријалното културно наследство. Владата на Република Северна Македонија во последниве години постојано го зголемува буџетот за заштита на културните добра, но проблемот со професионален кадар станува сериозен. Тој факт уште повеќе нѐ насочи кон соработка со земјите што имаат завидно искуство во заштитата. Затоа сакам да ја потенцирам соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици во Солун, Грција, со чии експерти работиме на зачувување на исклучително вредно светско наследство од 12 век – црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново. Оваа драгоценост ја впишавме и на тентативната листа на УНЕСКО зашто сметаме дека Ангелот од Курбиново е убавина што треба да се сподели со светот. Исто како и нашиот бисер – Охридскиот Регион, кој во 1979 година беше впишан на престижната листа на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
Тука сакам да нагласам дека мојата земја е активно посветена на одржување на интегритетот и автентичноста на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Остваруваме интензивен дијалог со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и, заедно со Република Албанија, посакуваме нашата билатерална соработка да биде пример дека заедно сме посилни, помудри и поодговорни во заштитата на ова наше заедничко и универзално добро.
Светското културно и природно наследство е изложено на постојан атак од терористички и од организирани криминални мрежи кои безмилосно го уништуваат или му „ставаат цена“ на нешто што е бесценето. Но, најголемата закана се и климатските промени кои драматично ја менуваат нашата планета. Без силна и постојана мобилизација на сите нас, и како држави и како влади и како граѓани, битката за спас на Земјата нема да ја добиеме.
Оттаму, предизвиците во 21 век се последица, а не причина.
Дали удобниот живот на оваа единствена колоритна планета заврши откако зборот профит стана поважен од зборот совест? Или откако лошата вест стана прва вест.
Сеедно, сметката за плаќање стигна. Во овој век нашиот најголем предизвик е отворено да се соочиме со вистината колку сме кршливи.
Во справувањето со сиве овие предизвици, јас ја гледам големата слика. Убедена сум дека сите заедно, со УНЕСКО, сепак ќе успееме. Зашто УНЕСКО е синоним за мултилатерализмот, чувар и промотор на универзалните вредности, на хуманизмот, на солидарноста, на мирот, на толеранцијата, на слободата.
Нека ни е честита 75-годишнината на УНЕСКО, трезорот на доброто! За наше добро!
„Не зборувај ако тоа не ја менува тишината на подобро“. Верувам дека оваа древна мудрост е основата на нашите зборови од оваа говорница. Зашто, длабоко во себе, сите знаеме колку сме кршливи.