Дали Стефанова ќе ја „реши“ Јанева?


Фото. Б. Грданоски

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Лиле Стефанова вчера се врати во зградата во која работеше со години, во Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција. Но не во својство на обвинител, туку во својство на сведок. Стефанова дошла во зградата на Обвинителството од девет часот наутро, но нејзиното влегување не го виде и сними ниту една новинарска екипа. Обвинителката пет часа даваше исказ кај својата помлада колешка Ивана Трајчева, замена на шефицата Вилма Русковска, која најверојатно денеска ќе се врати од одмор. Очигледно Стефанова имала многу работи да каже во Обвинителството откако нејзиниот првоосомничен во случајот „Империја“ стана сведок жртва во истрагата за случајот „Рекет“. Токму овој случај, кој Специјалното јавно обвинителство го отвори по спорниот рок и кој требаше да го докаже криминалот за кој ги товареше обвинителството Орце Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, ја отвори аферата за наводниот рекет. Иако Стефанова тврдеше дека нема недопирливи во оваа држава, недопирливите станаа жртви, а обвинителката сведок. Новинарите со часови ја чекаа обвинителката да излезе, Стефанова даде изјава, но не соопшти што кажувала горе.

„Сосема сум свесна за огромниот интерес на јавноста за истрагата „Рекет“ и за сите допирни точи на истрагата „Рекет“ и истрагата „Империја“, во која јас сум предметен јавен обвинител, а сведок во истрагата „Рекет“ е првоосомничениот во истрагата „Империја“. Сè што можев да споделам со јавноста јас го споделив во соопштението во петокот. Дојдов овде во својство на сведок. Пет часа давав исказ како сведок и сè што ми е познато за овој случај изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата, не можам да дадам ниту една друга изјава освен она што го имам споделено“, изјави Стефанова.

Во понеделникот исказ во Обвинителството даде и нејзината колешка Елизабета Јосифовска, која е заменичка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Јосифовска го потпишала решението и му го вратила пасошот на Камчев, но, како што тврди, единствено по налог на Јанева. Токму овие обвинителки биле првите кои се јавиле во Обвинителството и им се понудиле на своите колешки да дадат исказ откако „пукна“ аферата „Рекет“ и откако стана јасно дека во неа е вмешана и Јанева. Нивните колеги од организиран криминал решиле да не ги повикаат, но се премислија откако италијанскиот весник објави снимки од разговори меѓу Камчев и неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13, како договараат Камчев да му даде милион евра на Боки 13 и така да си ја купи слободата, односно да биде затворен случајот „Империја“. Во овие снимки се слуша и гласот на Јанева која го смирува Камчев дека „ќе биде сè ок“ и го убедува дека Стефанова не ја држи редовно под контрола, но дека не може да направи ништо без неа.

Апсењето на Камчев во ноември беше триумф на СЈО, но по нивното барање од затворот во Шутка бизнисменот да биде префрлен во домашен притвор, веќе неофицијално почна да се зборува дека Јанева ја донела одлуката и покрај противењето на обвинителката Стефанова. Картите се отворија кога Јанева поднесе оставка и се спомна нејзиното име во аферата, обвинителите се оградија од неа, а Стефанова децидно кажа дека сите документи кои се излезени од СЈО се со потпис на Јанева.

Според официјалното соопштение на Стефанова, Камчев и Панделески почнале да вршат притисок уште во август минатата година, а за тоа била известена и Јанева. Противењето на Стефанова Камчев да оди во куќен притвор се оправда со тоа дека, додека бил дома, се обидувал да си ја купи слободата.

Стефанова не се согласувала на Камчев да му биде вратен пасошот, но Јанева му го вратила додека Стефанова била на одмор. На 16 април таа како обвинител во „Империја“ и обвинителот Бурим Рустеми кој го води случајот Поштенска банка, добиле наредба од Јанева да изготват писмени извештаи за штетата која осомничените требало да ја платат на државата и да не одат во затвор. Двајцата обвинители ги доставиле и износите на штета и можните затворски казни и порачале дека „Империја“ е во многу рана фаза за спогодба.

Сепак, Стефанова не сакаше да одговори зошто не реагирала порано за спорните одлуки на својата шефица. Јанева, која сè уште официјално е Специјален јавен обвинител, во понеделникот се врати на своето работно место, но покана за распит уште не добила. Ниту обвинителството кое ја води истрагата не кажува кога ќе биде повикана Јанева на распит, со образложение дека во интерес на истрагата не може однапред да информира какви дејствија ќе преземе во наредниот период. Распитот на Јанева очигледно не е уште закажан, а можно е да зависи од она што го кажала Стефанова, односно дали Јанева ќе остане само оцрнета или ќе стане осомничена.

Уште 30 дена притвор за Боки 13 и Кичеец

Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец осомничени во случајот „Рекет“, ќе останат во притвор уште 30 дена.

„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за Б.Ј. и З.М. опфатени во предметот во медиумите познат како „Рекет“, по разгледување и ценење на фактите и доказите донесе решенија со кои го прифати предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена“, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје.

Тие се товарат за кривично дело примање награда за противзаконито влијание, а првоосомничениот Јовановски и за перење пари и други приноси од казниво дело.

Фросина Факова-Серафиновиќ