Дали Скопје е или не е во 10-те најзагадени градови во светот – борба меѓу Арсовска и новинарите!


Ново Лисиче, утрово на 20 декември 2023, (Фото: Б.Богдановска)
Загаденоста на воздухот во зима, во Скопје стана вечно актуелна тема. Сите работат на намалување на загадувањето, но ефектот слабо се гледа. 
 
Загриженоста на граѓаните е оправдана. некои чувствуваат акутно симптоми од загаденоста, крвави очи кои им солзат, потешкотии во дишењето и кашлање, неретко и осип на кожата и тоа сите, млади, стари, деца…
 
Статистиките кај нас не се доволно длабински за да покажат број на смртни случаи од изложеност на загаден воздух, но некако сите знаеме декла многумина умреле токму поради тоа. 
 
Затоа новинарите, наутро, кога пристигнуваат на работа, ги следат повеќето светски и домашни, па и локални сајтови, кои покажуваат некакви податоци за загаденоста на воздухот. 
 
Веќе втор пат оваа сезона, од Градот Скопје се наоѓаат навредени, што новинарите пишуваат текстови во кои Скопје е седми, петти, десетти град по загаденост во Светот, во друштво со Делхи, Сараево и други градови. 
 
Денеска повторно реагираа па велат „утрово како и секој друг ден од почетокот на грејната сезона сведоци сме на лажни вести кои во 21. век, во ера на информатичка технологија, кога податоците и вистината се достапни за секого може да се проверат. 
 
Имено, неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото.
 
Како најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа се Кавадарци, Струмица и Тетово.
 
Во реално време можете да ги следите резултатите од мерењата од сите градови и држави во светот на https://waqi.info/ “, стои во соопштенито лиферувано до сите медиуми.
 
Нека е и така. Но, кога ќе кликнете токму на линкот споделен од Градот Скопје се добива оваа слика:
 
Ако ова не е доволен доказ за отровснота на воздухот во главниот град, тогаш веројатно Пинтиј и Драчево не ги сметаме за дел од нашето окружување. 
 
Синоќа пак, на еден од агрегаторите на вести кој функционира во земјава, состојбата беше следна:
Состојба во 23.50 часот на 19 декемви 2023
Овој графички приказ е линковски поврзан со веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање. 
 
Дополнително, зошто не направите една заедничка веб-страница, на која ќе ги поврзете компетентните, според вас, мерни станици, каде во реално време ќе се прикажуваат податоците, па тој поврзете го со светските, па и светот и ние македонските новинари да гледаме едни и веродостојни податоци. Ако Скопје се искачи во десетте најзагадени, ќе објавиме. Ако е чист како солза, ќе го објавиме како дел од листата најчисти градови. 
 
Ако нема пари за ваков проект, не е проблем. Спремни сме ние, даночните обврзиници со сите можни, итни ребаланси на кој и да треба буџет, да ја платиме таа услуга.