Дали семејната кавга ќе го банкротира „Ван Хол“?

Компанијата побара уште една недела да го реши прашањето на иднината и несогласувањата меѓу акционерите и семејството Ван Хол


 

Белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“ соопшти дека му е потребна уште една недела за да го трасира патот за „одржлива иднина“ откако обидите да се одобри планот за обновување запреа.

Претходно беше кажано дека 31 март е краен датум за изнаоѓање решение за финансиските проблеми, но во соопштението оваа недела, компанијата објасни дека „спорот за наследното право меѓу акционерите и семејството Ван Хол се покажа како нерешлив“.

Овој спор, надвор од другите реални отежувачки околности е во сржта на проблемот на „Ван Хол“ и другите акционери, пишуваат фламанските весници од Белгија. Има разидување меѓу акционерите и семејството што на крајот може да доведе до банкротство на копманијата, по што 4.000 вработени на компанијата би останале без работа. Се разбира и работниците кои работат во фабриката на „Ван Хол“ во Македонија.

Бидејќи ни во централата не знаат како ќе се развиваат нештата во наредните денови, тоа не го знае, веројатно, ни менаџментот и вработените во Скопје. Се разбира, тие се загрижени за својата иднина откако „Ван Хол“ со години беше една од најреспектираните компании во развојните зони.

Пред еден месец „Ван Хол“ соопшти дека нејзиниот план е да го запре производството на градски автобуси и да се преориентира само на автобуси за превоз на патници и приколки. Во тоа преструктуирање 1.100 вработени од фабриката на „Ван Хол“ во Белгија ќе бидат отпуштени во наредните три години, до 2027, а производството на автобуси ќе се префрли речиси целосно во фабриката во Македонија, крај Скопје. Една од важните причини е што платата на вработените во овдешната фабрика на „Ван Хол“ е за околу три пати помала од онаа на белгиските работници.

За познавачите на овој сегмент од превозот во Европа ваквата одлука изгледа чудна затоа што „Ван Хол“ неодамна лансираше нова платформа за градски автобуси со нулта емисија (серија А) и доби важен договор за трамбуси во Париз.

Но од овој план изгледа дека нема да има ништо. Сега целта е да се продаде компанијата, ако акционерите и семејството Ван Хол најдат заеднички јазик.

Во соопштението на „Ван Хол“ за потребата од уште една недела се додава: „Веќе тековниот паралелен процес за истражување на алтернативни сценарија беше интензивиран. Ова вклучуваше разговори со потенцијалните стекнувачи за да се истражи можното повторно стартување, со внимание на сите засегнати страни, особено имајќи ги предвид вработените. Тие разговори беа конструктивни и водени во добра атмосфера“.

Минатиот месец, „Ван Хол“ рече дека предизвикувачките финансиски услови со кои сега се соочува биле предизвикани од влијанието на корона вирусот, високите трошоци за енергија, високата инфлација и глобалните проблеми на снабдувањето со компоненти.

Што е со потенцијалните купувачи? Покрај холандската фирма ВДЛ и белгискиот бизнисмен Гидо Думареј тука е германската компанија „Шмиц“ кој само заедно со холандскиот ВДЛ ќе подготвува понуда за преземање. Германците имаат поглед кон одделот за комерцијални возила, а ВДЛ би бил заинтересиран за одделот за автобуси. Конкретно, ВДЛ би била особено заинтересирана за бизнисот со автобуси од класа 3 на „Ван Хол“ со потенцијално преземање на американскиот пазар, каде што белгиската фабрика има добро упориште.

Има уште еден кандидат за купување, холандската компанија „Властуин“, но таа е помал играч од првите двајца.

Инаку, компанијата е присутна во Македонија повеќе од една деценија. Како што стои и на официјалната интернет страница на „Ван Хол“ во земјава, во јули 2012 година беше поставен камен-темелник кој го означи почетокот на изградбата на фабриката во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 во Бунарџик. Првиот произведен автобус ја напушти фабриката на 15 октомври 2013 година, со што „Ван Хол“ ја врати традицијата на автобуската индустрија во земјата.

Денес, повеќе од 1.300 вработени работат во фабриката со површина од 78.000 метри квадратни, произведувајќи автобуси со почитување на строгите стандарди и критериуми на европските и северноамериканските пазари. „Ван Хол“ е партнер и на повеќе од 20 домашни фирми, а во повеќето од нив самата компанија има вложено во нивното знаење со цел да им помогне да станат добавувачи на врвна светски позната компанија, се вели на нивната интернет страница.

Компанијата има богата историја. Фирмата започна со работа во 1947 година и е познат бренд во индустријата како независен производител. Од „Ван Хол“ се фалат и со иновациите – биле прв производител на градски автобуси со низок под, потоа со придонесот што водородниот автобус стана употреблив, и со нивниот TDX25E автобус, кој е првиот двокатен патнички автобус во светот со електрична батерија. (Н.В.)