„Дали се сеќаваш“ – поезијата на Петре М. Андреевски во изведба на Дуке Бојаџиев и Наташа Петровиќ (видео)


Македонскиот продуцент, композитор и пијанист Дуке Бојаџиев денеска на својата фејсбук страница објави видео во кое младата актерка Наташа Петровиќ, во негова придружба, ја интрепретира „Дали се сеќаваш“ – од Петре М. Андреевски.

Петре М. Андреевски (25.06.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.

Во мај, годинава, ексклузивни изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска, излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“. Во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“ се десет книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.

Во продажба излегоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.