Дали се потребни даночни реформи: Еве што вели академик Беџети


 

Само три-четири даночни усогласувања значително ќе се подобри приходната страна на Буџетот, смета академик Абдулменаф Беџети. Притоа, тој мисли на воведување даночна прогресија кај данокот на личен доход и кај корпоративниот данок, односно данокот на добивка, но и проширување на даночната основа, намалување на исклучоците и воведување таканаречени зелени даноци. Само воведувањето на мала даночна прогресија би можела до обезбеди околу 80 – 90 милиони евра годишно дополнителни даночни приходи, без притоа ваквата мерка да влијае негативно врз даночните обврзници, вели тој.

Зборувајќи на годишната владина конференција „Година на нови можности“, на прашањето дали даночна реформа се прави во време на криза, дали треба да се воведат нови даноци и што треба да се направи на среден рок во наредните три до пет години академик Беџети рече дека кога била разработена последната верзија на даночните реформи, клучни се наметнале две – три работи.

„Прво, сите се согласивме дека нашиот даночен систем е крајно регресивен и дека е диспропорционален, односно дегресивен во однос на усогласувањето со фискалната конвергенција на ЕУ“, рече Беџети, нагласувајќи дека кај нас две третини од приходите се собираат од индиректните даноци, што е обратно пропорционално во споредба со земјите во ЕУ.
Тој е категоричен дека мора да се почне со воведување на одредена прогресија, како кај доходот, така и кај добивката.

„Прво, кај доходот, во првата фаза само личниот доход, потоа можеби преминување кон систем на семеен доход, а такво решение имаат само во САД и второ, кај корпоративните добивки“, вели Беџети.

Тој посочи дека направените симулации со блага прогресија кај доходот, односно со задржување на првата стапка од десет отсто, а втора од 15 отсто на износ од над 100 илјади денари месечно, резултирале со дополнителни приходи во Буџетот од 18 милиони евра.

„Тоа не се малку пари кои може да се искористат за образование, за здравство, за социјални субвенции“, вели тој додавајќи дека следната, трета стапка би се вовела подоцна, како што се доближуваме во интеграционите европски процеси.

Зборувајќи за добивката, односно за корпоративниот данок, Беџети рече дека 100 најпрофитабилни компании, или помалку од еден отсто од вкупниот број, остваруваат речиси 14 отсто од вкупната добивка во државата. Симулациите покажале дека со прогресија од 20 отсто кај оваа категорија на 100 најпрофитабилни компании со добивка од над милион евра, ефектот е 70 милиони евра.

„Замислете ги само овие две промени што се апсолутно благи и подносливи и никако нема да го нарушат системот во целина“, посочи академик Беџети, додавајќи дека тврдењата дека ќе трпи економијата, се тези само за оправдување.

„Ниту теориски, ниту научно е утврдено дека зголемувањето на даноците ќе ја истиснува економијата. Тоа не е точно“, категоричен е Беџети.

Но, според него, точно е дека сразмерно со зголемените даноци не се подобрува квалитетот на услугите што државата ги испорачува. Тоа значи дека преку даноците мора да се обезбеди систем на подобрување на реалните услуги, пред се во образованието.

„Беа спомнати зелените даноци, ние воопшто не сме влегле во тоа. Тој што загадува, треба да плаќа за да ги неутрализира негативните последици во општеството. А, кај нас ефектот е обратен. Трето, да се минимизираат колку што е можно условните ослободувања и олеснувања. Значи, проширување на базата на опфатот на даночните обврзници. Само со овие три четири мерки, ние значително ќе ја зголемиме ефикасноста во јавните приходи во државата“, вели Беџети.

Тој посочи дека не станува збор за некои големи реформи, како и дека користењето на таквата терминологија ја исплаши бизнис заедницата. 

„Станува збор за усогласување и тоа постепено – 13 отсто, 15 отсто, 20 отсто…“, вели Беџети, додавајќи дека не треба да се изостави и данок на добивки кои што се создаваат не по заслуга на компаниите. Грција на пример воведе 90 отсто данок за енергетските компании, Полска воведе 50 отсто данок на енергетските компании и на супермаркетите…

На панелот посветен на монетарната и фискалната политика беше посочен и фактот дека ДЗР лани констатирал дека има пресметани, а ненаплатени 40 -50 милиони евра кои можеле да влезат во буџетот што зборува за операбилноста на системот.

Покрај промените во даночната сфера, на панелот стана збор и за (не)фикасноста на јавните приходи и расходи, и како таа да се подобри.

Кај јавните расходи, на пример, определени истражувања покажале дека со истите приходи земјите од регионот имаат можност да направат за 20 до 25 отсто поголем оутпут, односно кај капиталните расходи тоа е 30-40 проценти, како и дека има голем „резервоар“ како да се зголеми ефикасноста. Во таа насока беше споменато и програмско буџетирање, спојување на институции..

„Се покажа дека потрошениот фискален простор кај приходната страна во текот на ковид кризата ни овозможи да изнаоѓаме фискален простор во расходната страна. Мислам дека владата со антиковид мерките направи одредени квалитетни преструктуирања, но не доволно и не доволно ефикасно, неблаговремено затоа што беа запушени каналите за трансмисија додека се реализираат тие мерки, но се покажа дека има голем простор“, рече Беџети, посочувајќи дека најголемите заштеди беа направени во т.н. буџетска линија на стоки и услуги. Според него тоа не е доволно, односно причинско последичната врска во една национална економија на агрегатно ниво мора да почне и од делот на јавните расходи.

„Последица на потрошениот фискален простор е јавниот долг кој во ковид кризата кај нас се зголеми за цели 11 отсто, наспроти зголемувањето на земјите членки на ЕУ каде што беше над 15 отсто“, вели Беџети, додавајќи дека ова не враќа во делот дека е неопходно преструктуирање на приходната страна и од крајно регресивниот даночен систем да влегуваме во блага прогресија.

„Две години работиме на даночните реформи, утврдивме концепции, направивме стратегија, дојдовме до конкретни предлог мерки и сега застануваме тука затоа што бизнис заедницата има едно оправдување или алиби – дека е време на кризи. Но, економската историја, посебно фискалната историја покажува дека токму во време на големи кризи се направени најголемите фискални реформи“, вели Беџети.

Во делот на расходната страна се донесе новиот закон за буџети и механизми и решенија во него, почнувајќи од буџетски правила, фискалниот совет…, што овозможува зголемување на ефикасноста, меѓутоа треба да се применува доследно.

Беџети се осврна и на преголемиот број институции во државата – 1.350 , со надлежности кои често се поклопуваат или се дуплираат.

„Во тој дел има многу што да се исчисти. Запушените институционални канали мора да се прочистат. И јасно да се знае кој за што е одговорен. Освен тоа, самите тие создаваат пречки за да ја оправдаат нивната егзистенција и потоа во самите институции нема ефикасност. Слично е и на локално ниво, на ниво на претпријатија со државен капитал, регулаторни тела. Ние имаме „миш-меш“ институционална структура во државата“, вели Беџети, додавајќи дека фискалната дисциплина мора да се проследи до крај во смисла и на превенирање и на едукација.

„Не може некој во име на фискална автономија, па макар и да е регулаторно тело, судство, обвинителство, во име на независност, да нема отчетност и одговорност. Трошат јавни пари, мора да даваат отчет. Отчетност и одговорност, па потоа независност“, вели Беџети.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека даночните измени се во собраниска процедура, како и дека тие имаат правичен аспект, а ќе има влијание и на намалување на неформалната економија што ќе доведе до зголемување на приходите.

„Со тоа се помага на стопанството да биде предвидлив даночниот систем. Сѐ што нема да биде приход преку даноци ќе значи задолжување, а задолжувањето има корист само ако се инвестира, но за тековните расходи во тој дел фискалната консолидација и даночните реформи се неопходни“, рече Бесими.

Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме, посочи, не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници.

Инаку, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, зборувајќи за наплатата на даноци, рече дека таа лани била поголема за 17 отсто во однос на 2021 година.

„Минатата година имаме наплата на 104 милијарди денари, тоа е 17 отсто повеќе од 2021 година. Имаме раст во делот на данок на добивка, 45 отсто повеќе од 2021, потоа 16 отсто повеќе данок на личен доход. Поголема наплата има и кај ДДВ, за 11,3 отсто во споредба со 2021 година“, рече Лукаревска.

 

Бесими: Се насочуваме кон зголемена транспарентност, отчетност и ефикасност

Во време на кризи и турбулентни времиња може да го забавиме растот, но никако не смееме да го изгубиме правецот. Покрај тоа што мораме да го адресираме на краток рок со антикризните мерки мораме да ги направиме и суштинските реформи во однос на одржливиот раст, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза соработка и сигурност“ што се одржа во рамки на вториот ден од годишната конференција „Година на нови можности“ во организација на Владата.

-Се насочуваме кон зголемена транспарентност, отчетност и ефикасност, но не треба да заборавиме дека без човечки ресурси тешко дека ќе можеме да градиме институционални капацитети, рече Бесими.

Посочи дека во изминатата 2022 година и покрај сите предизвици успеавме да оствариме подобра фискална консолидација од таа што беше предвидена во Буџетот, односно наместо дефицит од 5,3 отсто имаше од 4,3 отсто. Успеавме да го вратиме, како што рече, и златното правило – капиталните инвестиции да се повисоки од дефицитот.

– Експанзивна фискална политика која беше водена во периодот на пандемијата, преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории на граѓани, резултираше со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1 отсто од БДП во 2020 година, придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7 отсто од БДП,  достигнувајќи рекорден јавен долг од 61 отсто во 2021 година. Со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека на крајот на минатата година се спушти на ниво од 57,1 отсто од БДП, рече Бесими.

 

Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е  под Мастришкиот критериум (60 отсто).

 

Ангеловска Бежоска: На монетарната политика и е потребна поддршка од фискалната политика

 

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, истакна дека во периодот на пандемијата монетарната политика обезбедуваше поддршка на фискалната политика, а сега, како што кажа, за справување со инфлацијата и одржување на стабилноста на девизниот пазар на монетарната политика и е потребна поддршка од фискалната политика.

-Затоа од исклучителна важност е да се продолжи со прудентна монетарна политика и фискална политика, втемелени на добро таргетирани и временски ограничени мерки насочени кон најранливите сектори за краткорочно ублажување на ефектите, но уште поважно и на капитални инвестиции, кои ќе го зголемат долгорочниот потенцијал за раст и заедно со структурнитe реформи ќе ја поддржат трансформацијата на економијата, рече Ангеловска-Бежоска.

Добро е, порача, што во 2022 година успавме да го смениме трендот на инфлацијата истовремено држејќи го реалниот сектор во позитивна зона на раст, а сето тоа беше потпомогнато и од банкарскиот систем. Истакна дека се уште е висока инфлацијата иако, како што рече, почна да се движи во надолна насока, висок е и јавниот долг, а се уште се високи и притисоците во енергетскиот сектор заради високиот трговски дефицит.

-Од перспектива на Централната банка мора да останеме фокусирани на одржување на макроекономската стабилност, а преку тоа да даваме придонес и за долгорочен раст, истакна Ангеловска-Бежоска.

 

Сања Лукаревска: Целосна дигитализација на услугите кон даночните обврзници

 

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска рече дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација  на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури и да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките.

Со тоа, потенцира,  ќе  го стегнеме  обрачот за неформалната економија, а за  формалните бизниси  ќе обезбедиме  фер пазар и конкуренција.

-Електронска фактура, е процес кој го подготвуваме оваа година, а ќе овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат преку единствениот систем на Управата за јавни приходи, во кој ќе се евидентираат сите фактури кои произлегуваат од прометот помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги, како и интернет продавниците. Со е-фактура ќе се спречи  непријавување  данок при трансакции во е-трговија  ќе се зголеми ефикасноста на контрола и сузбивање на измамите со ДДВ, односно фиктивни фактури, а контролите да ги насочиме кон високоризични обврзници, рече Лукаревска.

 

 

Глигор Бишев: Монетарната политика клучна за соборување на инфлацијата

Советникот на премиерот  Глигор Бишев потенцира дека монетарната политика ќе остане примарен инструмент за соборување и контрола на инфлацијата, преку повисоки каматни стапки и забавување на растот на кредитите.

Фискалната политика, според него, ќе го поддржи соборувањето на инфлацијата преку намалување на буџетскиот дефицит. Истовремено преку алоцирањето на значителни средства за инвестиции во инфраструктурата, таа ќе го поддржи растот и конкурентноста на економијата. Тоа, како што рече, ќе биде оптимален микс кој ќе ги оствари крајните цели на стабилност на цените и позитивен економски раст.

-Фискалната политика на краток рок мора да ја зголеми ефикасноста на јавните расходи, бидејќи без тоа на долг рок не може да се создадат поддржувачи за даночни реформи. Монетарната политика, пак, мора да ги усидри инфлаторните очекувања, рече Бишев.