Дали Русите грешат што „фрлија сѐ“ на Северодонецк?

„Кога оваа битка ќе заврши, тие ќе бидат значително исцрпени“, вели поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Волкер


Војници на проруските сили од сепаратистичките региони се пробиваат низ Северодонецк

 

Руските сили би можеле да направат стратешка грешка со тоа што „ставаат сè што имаат“ во битката за Северодонецк, во украинскиот регион Луганск, сугерира поранешен американски амбасадор во НАТО.

Иако градот е важен за регионот Луганск, „тој не е толку важен за борбата во целина, и мислам дека Украинците ќе можат да се регрупираат и да се вратат назад“, изјави Курт Волкер, кој исто така работеше како специјален претставник на САД за Украина до 2019 година, за денешната програма на Би-Би-Си Радио 4.

Запрашан дали – на грбот на руската решеност да ја заземе источна Украина – тој се плаши дека војната влегува во фаза во која Украина ќе почне да губи „клучни области“ од Русија, Волкер рече дека не е загрижен бидејќи рускиот напредок бил „неверојатно бавен и хаотичен“.

Додека украинските трупи „тги притискаат назад“ агресорите околу Харков и „отворија контра[офанзива] во близина на Херсон“, продолжи тој, Русите „вложуваат сè во Северондонецк“.

„Кога оваа битка ќе заврши, тие ќе бидат значително исцрпени“, додаде Волкер.

Ако Северодонецк и блискиот град Лисичанск бидат преземени од Русија, тогаш целата област Луганск на исток ќе падне под руска контрола.

„За жал, линијата на фронтот го пресече градот на две половини, но градот сè уште се брани, градот е сè уште украински“, изјави градоначалникот на градот Олександр Стрјук за украинската телевизија.

Тој додаде дека Русите поставиле воени позиции во околу една половина од градот.

„Евакуацијата е прекината. За жал, невозможно е [да се евакуираат цивилите]… бидејќи уличните борби продолжуваат“, рече тој.

Во врска со одлуката на Џо Бајден да не испраќа ракети со долг дострел во Украина кои можат да „достигнат до Русија“, амбасадорот Волкер рече дека американскиот претседател сè уште го поддржува Киев, но „се обидува да исцрта граница“.

Запрашан зошто тоа би можело да биде случај, Волкер рече дека во администрацијата на Бајден, некои луѓе се загрижени да не направат нешто за да ја антагонизираат Русија до степен што таа да се закани со употреба на нуклеарно оружје.

Сепак, тој брзо додаде дека мисли оти ова е погрешно: „Мислам дека со ова погрешно ја читаат Русија. Мислам дека Русија има полни раце работа обидувајќи се да ја земе Украина; последното нешто што сакаат да направат е да отворат друг фронт“.

Најважното нешто, додаде Волкер на друго место за време на интервјуто, е САД „да направат сѐ што можеме за да им помогнеме на Украинците да ги победат Русите и да ги отстранат од нивната земја“.