Дали родителите ќе се изборат за учебници во образованието – утре средба со МОН


Претстадвници на граѓанската иницијатива против донесување на Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование „Учебници и настава мора да им“, утре се на средба во Министерството за образование и наука со цел да останат печатените учебници во формалното основно и средно образование.

Работната средба е закажана за утре на пладне во просториите на министерството, а по средбата следуваат изјави кога ќе бидат објавени заклучоците од средбата.

Драгана Спасевска од фејсбук-групата изјави дека се поканети утре напладне да имаат средба со претставници на МОН, на која поради обврски нема да присуствува министерката Мила Царовска.

Спасевска тврди дека бојкотот во училиштата, кој го почнаа минатиот четврток, е помасовен и имаат се поголема поддршка за нивното барање да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Се повеќе имаме поддршка за бојкотот, но утре е клучното што ние како родители го бараме и ќе видиме дали од нивна страна ќе имаме црвено или зелено светло. Потврдено е дека Царовска нема да биде на средбата, ние баравме, но не известија дека имала работни активности, рече Спасевска.

Како што соопштија од групата, точки на дневен ред предвидени за дебата на работната средба се:

01. Хартиените учебници задолжнително да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование

02. Да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование

03. Етика на религиите да остане изборен предмет

04. Да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден

05. Да се образложи и аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети и влијанието во наставниот процес за истите тие предмети

06. Да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со попреченост, хендикеп и посебни

07. Да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија

08. Задолжително учество на претставници од групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во Законот и друго.

Откако Министерството за образование најави дека учебниците ќе се дигитализираат, а од септември, наставата за прво и четврто одделение експериментално почнува токму со таквата програма, на Фејсбук се формира група од родители и наставници кои се за зачувување на печатените учебници. За само неколку дена групата имаше повеќе од 80.000 членови, каде и се договараште бојкот на наставата, односно децата не се вклучуваа на онлајн часовите. Бојкотот не беше масовиен, а дел од оние кои не присуствуваат на часовите, добиваат неоправдани изостаноци.

Дел од родителите предлагаа и масовен протест по плоштадите на градовите низ земјава или еден голем пред Министерството за образование. Но, тоа досега не е договорено, а ако утре претставниците на Групата се договорат со претставниците на МОН, можеби за протест ќе нема ни потреба. Истите членови на групата потпишуваа и петиција, која треба да содржи најмалку 10.000 потписи.

Според Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници.(Б.Б.)