Дали принципот „победник со победник“ е конечно закопан

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес ја отфрли можноста, доколку неговата партија победи на следните избори, коалицијата со некоја од албанските партии да ја темели врз принципот „победник со победник“, што повторно го застапува ДУИ. Но, не исклучува тоа да го стори и со ДУИ, доколку нивните програми бидат компатибилни.

„Животот не е игра и во животот има принципи кои што ако еднаш се скршат, тогаш веќе не се принципи. И во име на тоа јас можам да ви кажам дека политиките кои што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на принципи и бидејќи овој принцип еднаш е прекршен, во едно телевизиско интервју кажавме дека идната коалиција ќе биде на база програма со програма и тој принцип не го менуваме“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, по неговата посета на Сојузот на стопански комори.

На прашањето дали ваквиот став значи дека ДУИ воопшто не доаѓа во комбинација за евентуална коалиција, доколку биде победник во албанскиот блок, без оглед на програмата, Мицкоски рече дека доаѓа во превид секој оној кој што има политичка програма која што ќе биде компатибилна со програмата на ВМРО-ДПМНЕ и за која ќе се согласат на принципиелна основа и ќе функционираат следните четири години.

„Ако вие во еден оркестар свирите на различни ноти тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите“, рече Мицкоски, додавајќи дека во предвид за коалицирање доаѓаат сите политички партии, вклучувајќи ја и ДУИ.

Оваа изјава доаѓа откако претходно лидерот на ДУИ, Али Ахмети повторно го актуелизира принципот „победник со победник“, односно владата да ја формираат победничките партии во двата блока. Ваквиот став го повтори и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, кој кажа дека изборите во 2006 и во 2008 година покажаа дека државата не смее да дозволи такво нешто уште еднаш.

Сепак, нејасно е како би функционирал ваквиот принцип во услови кога владејачката СДСМ преговара за предизборна коалиција со дел од албанските партии. Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, преговорите за проширување на коалицијата со партнери од албанскиот блок, се очекува да завршат до 9 март, односно до партискиот конгрес кога ќе се утврдат кандидатските листи за пратеници. Потоа, до 12 март листите треба да бидат доставени до Државната изборна комисија.

Заев смета дека СДСМ е во предност во однос на коалициското договарање за претстојните предвремени парламентарни избори, со сите партии, а особено со оние од албанскиот блок. Тој не прецизира со кои партии се водат разговори за коалицирање и дали покрај Беса и ДПА, се разговара и со други партии.

ДУИ се определи за самостоен настап на претстојните избори , а Алијансата за Албанците и Алтернатива склучија договор за коалицирање.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, по потпишувањето на договорот за предизборна коалиција со Алтернатива рече дека уште не се создадени услови да има такви предизборни коалиции со некоја од македонските партии.

За најавата за можната коалиција помеѓу СДСМ, Беса и ДПА, Ахмети пак изјави дека не гледа ништо во тој сојуз затоа што не знае ништо за таа коалиција.