Дали Пендаровски и Мицкоски в петок ќе испорачаат „бакнеж на смртта“?


Средбата делува изненадувачки, но ако се погледнат изјавите од нивните интервјуа на две телевизии минатата недела таа и не изгледа баш така

 

Две интервјуа во еден ден минатата недела ги одмрзнаа заледените односи меѓу шефот на државата и лидерот на опозицијата, откако тие навидум се најдоа на истата страна околу упадот во Собранието на 27 април 2017 година и судскиот процес што следеше. Политиката знае да направи големи пресврти, па откако Христијан Мицкоски го повикал на телефон Стево Пендаровски тие двајцата се согласиле да се видат в петок и како што им соопшти опозицискиот лидер на некои новинари да разговараат за осудените за 27 април и за актуелната политичко-економска состојба.

Средбата делува изненадувачки, но ако се погледнат изјавите од нивните интервјуа на две телевизии таа и не изгледа баш така. Претседателот Стево Пендровски ја оценуваше судската одлука за 27 април и, откако се опиша себеси како упатен во тоа што е тероризам, порача дека тие што упаднаа насилнички во нашиот парламент не биле терористи, индиректно повикувајќи ги осудените да обезбедат нови докази и да бараат обновување на процесот. Кратко по интервјуто Пендаровски се самообјаснуваше преку МИА, дека само упатил на можна процедура и дека не најавува некаква амнестија од негова страна на осудените за овој крвав настан.

„Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, тврдам дека тие луѓе што влегоа не беа терористи“, рече Пендаровски. Според него, не се терористи ниту оние кои физички напаѓаа луѓе, сугерирајќи дека тие треба да одговараат за претепување, како тие на Зијадин Села и Радмила Шекеринска. Тој уште рече дека затворската казна за таков настан од 18 години е преголема.

Мицкоски, пак, обвини дека Македонија е „единствената НАТО-држава и кандидат за членка во ЕУ со 35 терористи“. Прашање е дали тоа го направи од незнаење или намерно лажење, бидејќи во САД и низ Европа има многу осудени за тероризам, и увозен и од дома.

„Ако мене ми го поставите прашањето дали овие луѓе беа испровоцирани и емотивно изреагираа, одговорот мој ќе биде – да, беа испровоцирани и емотивно изреагираа. Дали влегоа во парламентот, а не требаше, мојот одговор е – да. Дали имаше насилство – да, и не го оправдувам насилството. И по стоти пат ќе го кажам тоа, но дали треба да одговараат за тероризам, одговорот е – не“, рече Мицкоски.

(Анализата на „Независен“ за овие интервјуа)

Неколку дена претходно Пендаровски и Мицкоски јавно се караа кој не „бекнал“, а кој „грмел“ околу фамозниот нон-пејпер и промената на границите во регионот. Мицкоски тогаш од Пендаровски побара „да бил достоен на функцијата“ и на Фејсбук напиша: „Еве го бекна, ама не само што бекна туку и потпиша сѐ (пакетот закони за економска помош – н.з.) што му нареди стопанот. Сакаше да биде сатиричен, а испадна смешен“. И му вети на Пендаровски дека ќе имало одговорност.

Очигледно е дека во темните кулоари на македонската политика се случуваат одредени процеси во кои не се знае кој со кого склопува сојузи и со каква намера. Меѓу другото, проструи и веста дека наводно Бранко Црвенковски ќе излезе од дебелата сенка на неговата политичка пензија и ќе формира партија во која ќе бидат голем дел од незадоволниците во СДСМ од раководењето на Зоран Заев. Премиерот денеска ги оквалификува овие шпекулации како „приказни“.

Ќе видиме што ќе се изроди од овој „бакнеж на смртта“ в петок на средбата меѓу Пендаровски и Мицкоски. Дали оценките за 27 април можат да бидат катализатор за некаква поинаква, повеќе тајна отколку јавна соработка. (Н.В.)