Дали патријархот Вартоломеј се меша во внатрешните работи на МПЦ-ОА?

Свештеничките титули за јеромонаси од Бигорскиот манастир ги остави зачудени многу познавачи на црковниот живот, а и високи свештеници внатре во МПЦ-ОА


 

Веста дека вселенскиот патријарх Вартоломеј унапредил во високи чинови монаси и свештеници на МПЦ-ОА предизвика чудење во свештеничките кругови во Македонија и меѓу црковните аналитичари. Особено затоа што тоа е невообичаена постапка и е надвор од нормативните и други акти на МПЦ-ОА.

Зоран Бојаровски од порталот „Рацин“, пренесувајќи го толкувањето на познавачите на внатрешјното уредување на православините цркви пишува дека тоа е грубо мешање во внатрешните работи на една помесна православна црква. Таков став му бил пренесен и од член на Синодот на МПЦ-ОА, според кого постапката на Вартоломеј е мешање во внатрешните работи на една помесна црква.

На прашањето како се коментира информацијата дека патријархот Вартоломеј ги извршил овие унапредувања со благослов на неговото блаженство г.г. Стефан и на надлежниот митрополит, г. Тимотеј, изворот во Синодот на МПЦ-ОА за „Рацин“ вели дека за ова не се разговарало во рамките на највисокото тело на МПЦ-ОА, Синодот, и дека таа постапка е спротивна на Уставот на МПЦ-ОА.

Владиката Тимотеј одби да објасни или даде допопнителни информации за овој чин на патријархот Вартоломеј. Бојаровски прашува дали е точно дека јеромонаси од Дебарско-Кичевската епархија (јеромонасите Кирил Деловски и Анатолиј Лазески од Бигорскиот манастир) се ракопроизведени во највисоката монашка титула во Црквата, архимандрити на Вселенскиот патријаршиски престол? И на која црква се архимандрити сега овие двајца, и на која црква се произведените протојереји и протопрезвитери?

Според анализата, оваа постапка на патријархот Вартоломеј уште еднаш го отвора прашањето за единството во МПЦ-ОА во однос на првенството кој треба да го направи последниот чекор за конечното прифаќање на МПЦ-ОА како рамноправна и еднаква со останатите православни цркви  бидејќи во Македонската православна црква има различни струи – едните се приклонети кон Руската православна црква, а другите кон Цариградската патријаршија. Дали овој чин на патријархот Вартоломеј е резултат на „победата“ на втората струја во МПЦ-ОА, во која многу силно влијание има владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.