Дали освен УБК и „големите уши“ ќе станат историја?
Управата за безбедност и контраразузнавање, која во 2015 година беше посочена како главен извор на големата политичка криза во земјава – поради масовното прислушување од кое произлегоа и „бомбите“, од вчера веќе не постои. Наместо УБК, од 1 септември официјално почна со работа новата Агенција за национална безбедност (АНБ), формирана согласно препораките што произлегоа од експертскиот тим на Европската комисија, предводен од Рајнхард Прибе, кој во екот на кризата ги скенираше капацитетите на македонските институции, посебно во сферата на правосудството и безбедносно-разузнавачкиот сектор. За разлика од УБК, АНБ нема да функционира во рамки на МВР, туку ќе биде под капа на Владата.
Првиот директор на АБН, Виктор Димовски, кој во јуни беше избран на оваа функција од позицијата државен секретар во МНР, вчера изјави дека со трансформацијата на УБК во сосема нова Агенција, всушност, завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во земјава. Поради тоа, тој го оцени вчерашниот ден како историски, посочувајќи дека УБК во одредени периоди во минатото била злоупотребувана, посебно за време на претходната власт.
– Граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и на еден дел од вработените во Управата. Од денеска започнува нова ера во оваа област. АНБ е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Северна Македонија – нагласи Димовски.
Податокот дека само нешто повеќе од половина од вкупно 650 вработени во УБК преминуваат во АНБ упатува на тоа дека голем број од досегашните „агенти“ не ги поминале безбедносните проверки и тестот за интегритет во однос на разни политички и бизнис центри, како и контролата на финансиското разузнавање. Според Законот за АБН, работниците од УБК, кои нема да бидат преземени од Агенцијата, ќе бидат распоредени на работни места во МВР, соодветни на нивната стручна подготовка. Но, доколку и во повторената безбедносна проверка се потврди постоење на безбедносен ризик, работникот нема да биде распределен ниту во МВР, туку ќе биде преземен од друг државен орган.
Димовски посочи вчера дека АНБ ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно со европските безбедносни стандарди, со што, како фактор на стабилност во регионот, ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и во ЕУ.
– Претходно, согласно со препораките од извештајот на Прибе и мерките во владините планови 3-6-9 и 18, формирана е и Оперативно-техничката агенција (ОТА), со што се разби монополот односно концентрацијата на моќ што досегашната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите. Тоа е гаранција дека веќе нема незаконско прислушување – наведе директорот на АНБ.
Рече дека она што ја прави АНБ современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето истакнувајќи дека институцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел. Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем, додаде, се надополни со формирање Тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница – со точно утврден делокруг и начин на работа и состав.
За силината на аферата со масовното нелегално прислушување, која ја предизвика големата политичка криза во земјава и ги разниша државните институции, говори и податокот дека против двајца поранешни директори на УБК се водат судски постапки и тие во еден период во исто време беа во притвор. Сашо Мијалков беше принуден да се повлече од челната позиција во УБК во екот на кризата, а по настаните во кумановското Диво Насеље заедно со тогашната шефица на МРВ, Гордана Јанкулоска. Против него сега се водат повеќе кривични постапки што ги покрена СЈО од снимките од прислушуваните разговори, вклучително и случајот „Таргет-Тврдина“ за уништувањето на опремата во УБК. Последниот директор на УБК пред смената на власта во 2017 година – Владимир Атанасовски, пак, е обвинет од Обвинителството за организиран криминал како еден од организаторите на настаните во парламентот на 27 април, заедно со експремиерот Никола Груевски и поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски…
Првиот директор на АБН – Димовски, вчера нагласи дека процесот на реформи на безбедносниот сектор не завршува со стартот на новата Агенција.
– Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, кој ќе може да се справи со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност. Во овој процес од исклучителна важност е чесноста и професионалниот интегритет на секој припадник на АНБ, кој со својот углед ќе ја обезбеди поддршката и довербата на граѓанинот како партнер во заштитата на безбедноста на државата – изјави Димовски.
Паралелно со стартувањето на АБН, почнува и ветингот во полицијата, како продолжение на реформите во безбедносниот систем. Пред неколку дена, работната група, формирана од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, го одржа првиот состанок, со цел да почне анализа на тековната состојба во МВР и да се утврди динамика и конкретен модел за спроведување на процесот на проверка на вработените. Претходно, Спасовски изјави дека треба да се направи проверка кој заслужува да биде дел од полицијата и да работи во интерес на граѓаните.
– Треба да знаат да се однесуваат добро, да знаат дека интересот на граѓаните и на државата е пред сè, да знаат дека не можат да бидат полициски службеник и бизнисмен истовремено и оти не можат на ниту еден начин да се однесуваат поинаку од нормите по кои треба да се однесува еден полициски службеник. Посакувам ова да го исполнат сите, да имаат регуларни дипломи за завршено образование, соодветно ниво на интегритет и ако е така тоа да се потврди. Ако не е така, не може да се биде дел од безбедносните служби – изјави Спасовски.
Но, според опозицијата, процесот на ветинг во МВР е промашен уште од самиот старт. Како една од причините го наведоа тоа дека Никола Дујовски, кој ќе ја води работната група за ветингот, имал директен конфликт на интереси. Односно, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, неговата сопруга пред неколку месеци била вработена токму од министерот Спасовски.
– Процесот е политизиран и компромитиран уште од самиот почеток. Процесот се води само заради пресметка со професионалците и оние што не се под партиска и политичка контрола на Спасовски – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. (А.М.М.)
По одлуката за преговори со ЕУ. Ветинг и за (право)судството
Наместо генерален реизбор на судии, како што најавуваше СДСМ додека беше во опозиција, последните сигнали од владејачкиот табор се дека и македонското судство ќе помине низ процес на ветинг – слично како и полицијата, но не под толку голема „лупа“ како што беше случајот во Албанија.
Најавите се дека ветингот во судството, а не е исклучено и во други институции од областа на правосудството (јавното обвинителство), ќе стартува по почетокот на преговорите со ЕУ, особено ако се остварат очекувањата дека таква одлука за нашата земја ќе биде донесена во текот на октомври.
Според информациите, ветингот во судството не се форсирал досега поради ризикот да ја влоши политичката ситуација пред клучните одлуки за евроинтеграцијата на државата. Албанија го почна ветингот во полицијата, судството и во обвинителството во 2015 година, а тој процес е предвидено да трае девет години. Во изминатиот период повеќе стотици полицајци дадоа откази поради поврзаност со корупциски афери или со криминални структури, а ветингот ја преполови и бројката на судии и предизвика и распад на тамошниот Врховен суд.
Во земјава, поради тоа што недостигаат голем број на судии и на јавни обвинители, во текот на ветингот, како што се најавува, веројатно ќе бидат воведени интензивни програми во Академијата за судии и јавни обвинители, за регрутација на нови кадри. Според информациите, се досега ветингот во судството како опција бил отфрлан од страна на експертите на ЕУ бидејќи се сметало дека ситуацијата кај нас е подобра од таа во Албанија, но подоцна станало јасно дека законската регулатива во судството е во ред, така што проблемот е во праксата и кој ја спроведува.