Дали независните пратеници ќе прават партија: Ќе бидеме поактивни


Независната пратеничка група планира да ги засили своите активности во наредниот период. Тие најавуваат дека ќе бидат многу погласни во клучниот период за земјава, пред влегувањето во НАТО и евентуалното започнување на преговорите со Брисел за членство во Европската Унија, но и преку зачестени акции на терен ќе ги доближуваат своите ставови до граѓаните.

Осумтемина пратеници, кои беа избркани од коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што гласаа за Преспанскиот договор, сепак, демантираат дека се подготвуваат да формираат нова политичка партија.

Според гласиштата што доаѓаат од разни страни, во партијата би се нашло место и за други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои не се согласуваат со новото раководство предводено од Христијан Мицкоски, како и тие од „реформаторското крило“. На тој начин, би се откинале гласови на опозицијата и потоа би се коалицирало со СДСМ во наредната влада. Меѓу другото, пратениците што беа изложени на силен притисок, закани и навреди по драматичниот пресврт во Собранието минатиот октомври и по обезбедувањето двотретинско мнозинство за промена на името, би добиле парламентарна заштита и во наредните неколку години.

И ние сме ги слушнале тие муабети, но во нив нема вистина“, тврди еден од независните пратеници.

Пратеникот вели дека воопшто не било разговарано да се формира нова партија, но оти е договорен поактивен настап во јавноста и пред граѓаните.

Ако мислите дека ‘ќе се заштитиме’ со тоа што би биле пратеници уште еден мандат, верувајте оти по сè што преживеавме изминатата година подобро е воопшто да не се занимаваме со политика“, објаснува нашиот соговорник.

Нивната иднина како пратеници во моментов е комплетно неизвесна, затоа што е јасно оти без поддршка на една од двете најголеми партии, речиси невозможно е да се стигне на добитните места на изборите.

Сега не размислуваме за изборите, има време до следната година. Во коалиција со СДСМ или на листите на СДСМ сигурно дека не би влегле, затоа што ние, сепак, сме со вмровска провениенција. Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ не би се вратиле додека на чело на партијата е Христијан Мицкоски. Доколку зборуваме за евентуален иден мандат како пратеници, тоа би можело да се реализира единствено доколку се смени изборниот модел и се оди на отворени листи. Но навистина е неблагодарно од сега да се прават какви било комбинации“, вели пратеникот со кој разговаравме.

Независните пратеници од летоска бараат да бидат соодветно распределени во собраниските комисии, согласно новиот распоред на сили во парламентот, така што главната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ веќе нема 51 пратеник, како по изборите во 2016 година, туку сега е сведена на 38 пратеници. И владејачкиот СДСМ бара да се преиспита поделбата на местата во комисиите, затоа што со распоредот што беше направен во 2017 година ѝ овозможува на опозицијата да блокира неколку собраниски тела, вклучително со Комисијата за избори и именувања.

Крсте Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова, Зекир Рамчиловиќ, Емилија Александрова и Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија добија „шут-карта“ од матичните партии пред точно една година.

Само четири дена пред гласањето за уставните промени на 19 октомври, тие беа против таа точка воопшто да се стави на дневниот ред по неуспешниот референдум. Вечерта кренаа рака за Преспанскиот договор и со тоа ја издадоа партијата, но уште поважно себеси, пријателите, граѓаните и државата“, револтирано порачуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Во чистката што следуваше настрадаа и Сашо Мијалков и Нино Тодоров, кои беа избркани од партијата, а Митко Јанчев беше сменет од потпретседателската функција, како и Петар Богојевски кој беше разрешен од заменик-генерален секретар.

Низ чаршијата се зборува и за сосема нов политички субјект во кој би влегле Тодоров, Мијалков и поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски.

Нема врска, глупости“, краток и јасен е Коневски.

Горан Адамовски