Дали Наќе Чулев едно зборува во јавноста, а друго во Владата?


Одредувањето на времетраењето на полицискиот час за време на продолжениот викенд поврзан со 1 Мај стана уште едно поле за политички натпревар. Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, според она што го изјави во интервју на ТВ24, тврди дека на седницата на Владата предложил за време на викендот да нема целосен полициски час, затоа што „кај граѓаните постои повисока свесност за лична заштита против ширењето на заразата“. Вториот негов аргумент, наводно бил, „психолошкиот притисок којшто е енормно зголемен врз граѓаните, полицијата е секојдневно со граѓаните и забележана е енормна агресивност кај нив. Што значи дека оваа ситуација се одразува врз психо-физичкото здравје врз граѓаните“.

Но од високи владини извори тврдат дека токму поради „психичкото и социјално однесување на граѓаните“ Наќе Чулев единствен гласал против предлогот за намалено ограничување на граѓаните за време на продолжениот викенд. Образложението на неговиот предлог за полициски час за поголемо олабавување на ограничувањата, тврдат овие извори, било слично – заради агресивното однесување на граѓаните, па полицијата не реагирала со предупредување кон оние што не носат маски или се групираат повеќе од дозволеното.

Дали наводната агресивност на одредени граѓани станала поважна од вкупното здравје на нацијата во големата епидемија со корона вирусот?

Владата досега главно ги одобруваше препораките на Комисијата за заразни болести, која ја има клучната улога во одредувањето на мерките за справување со заразата од корона вирусот.

Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека предлогот на комисијата бил полицискиот час за време на продолжениот викенд да почне од четврток во 19 часот и да трае до понеделник до пет часот наутро. Но, очигледно, овој нејзин предлог не бил прифатен за овој продолжен викенд и е најдена некоја ублажена варијанта. (Н.В.)