Дали на Хрватска ѝ се заканува експлозија на сиромаштија


Сиромаштијата е вистинска закана за околу една петтина од населението, но поради кризата предизвикана од епидемијата на корона вирусот, на хрватското општество му се заканува вистинска експлозија на сиромаштија, предупредуваат експертите.

Поради кризата предизвикана од епидемијата на корона вирусот, хрватското општество е загрозено од вистинска експлозија на сиромаштија, предупредуваат експертите.

Сето тоа ќе зависи од тоа колку долго ќе трае кризата предизвикана од пандемијата, особено на пазарот на трудот, пренесува порталот „Индекс“ и додава дека многу ќе зависи од државата, односно од мерките што ќе ги спроведе за да спречи пад на стотици илјади граѓани во маѓепсаниот круг на сиромаштија.

Во овој момент, никој не се осмелува да предвиди колку сиромашни луѓе може да произведе корона кризата во Хрватска. Како и да е, соговорниците на порталот предупредуваат дека најранливи групи се невработените, на кои дополнително им се намалуваат шансите за ново вработување, потоа неактивното население, како и постарите граѓани и вработените во дејности кои корона кризата ги фрли на колена, како што се туризмот, угостителствотто, транспортот и други услуги.

„Тешко е во овој момент да се предвиди колку луѓе во Хрватска би можеле да паднат во сиромаштија поради корона кризата, но јасно е дека оваа бројка ќе порасне. Сè ќе зависи од растот на невработеноста и намалувањето на платите, што веќе започна во дел од економијата. Доколку има значителен пад на вкупните приходи и поголем раст на невработеноста, тоа ќе одведе многумина во сиромаштија. Зборуваме за можеби неколку стотици илјади луѓе, во зависност од динамиката на кризата “, вели Предраг Бејаковиќ од Институтот за јавни финансии.

Зоран Шугур, професор по социјална политика на Правниот факултет во Загреб, смета дека движењето на сиромаштијата е првенствено поврзано со состојбата на пазарот на трудот и дека сè ќе зависи од тоа што ќе се случи со работните места.

Според податоците објавени од Државниот завод за статистика и Евростат, Хрватска е една од членките на ЕУ со висок ризик од сиромаштија во однос на процентот на граѓани за кои сиромаштијата претставува вистинска закана.

Во 2018 година, 19,3 проценти од хрватските граѓани беа изложени на ризик од сиромаштија, или речиси секој петти. Тоа е повеќе од просекот на ЕУ, што изнесуваше 17 проценти и значително повисоко отколку во Словенија, каде стапката на ризик од сиромаштија беше 13,3 проценти и Унгарија, каде ризикот од сиромаштија претставуваше закана за 12,8 проценти од граѓаните.

„Во Хрватска, стапката на ризик од сиромаштија со години беше помеѓу 19 и 21 процент, што значи дека сиромаштијата е вистинска закана за приближно една петтина од населението. Меѓутоа, ако се оствари негативното сценарио на пазарот на трудот и ако започне масовно намалување на платите, тогаш ризикот од сиромаштија сигурно ќе се зголеми и сиромаштијата може, иако не може точно да се предвиди сега, да претставува опасност за секој четврти граѓанин “, рече Бејаковиќ, пренесува Танјуг.

И Бејаковиќ и Шугур предупредуваат дека кредитните обврски наскоро ќе бидат одмрзнати и дека за многу граѓани ова ќе биде голем удар врз буџетите на домаќинствата.