Дали на бранот на зголемување на цените некои се обидуваат да заработат повеќе?
Граѓаните се жалат дека цените на одредени производи несразмерно се зголемуваат и дека за едни исти производи да има драстично различни цени
Бранот на зголемување на цените сѐ повеќе зема замав и веќе не е ограничен само на енергентите и на прехранбените производи, туку поскапува буквално сѐ. Најновите статистички податоци покажаа дека Македонија влезе во зоната на двоцифрена инфлација – таа во април достигна 10,5 отсто на годишно ниво, а само за еден месец трошоците на животот се зголемиле за 2,2 отсто во споредба со март. Колку е поскапена живејачката покажа и вредноста на Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство која за април изнесува 38.104 денари, за 1.337 денари, односно за 3,63 проценти повеќе во однос на март, или за 4.128 денари, односно 12,14 проценти повеќе од истиот месец лани.
Народната банка веќе реагираше, зголемувајќи ја основната каматна стапка втор пат по ред во изминатите две месеци, па така сега таа изнесува 1,75 отсто. Од соопштението од седницата на Комитетот за монетарна стабилност на НБ, произлегува дека централната банка нема да се воздржува од натамошно затегање на монетарната политика, доколку е потребно, со цел да ја исполни нејзината основна задача – а тоа е одржување на ценовната стабилност и стабилноста на домашната валута – денарот.
Ваквите мерки во основа значат поскапување на цената на парите, односно на кредитите, што ќе влијае и врз потрошувачката, а со тоа и на цените.
Од друга страна инфлацијата е предизвик и за фискалната политика која е во доменот на Владата.
„Економскиот тим на Владата постојано ја следи состојбата со економската криза на глобално ниво и презема мерки за одржување на стандардот на граѓаните. Инфлацијата кај нас е под влијание на светските трендови, но Владата ќе одговори на начин како што се справуваше и до сега. Имавме неколку пакети мерки и одлуки кои што дадоа резултат, а имаа за цел поддршка на граѓаните и на стопанството“, вели владиниот портпарол Мухамед Хоџа, во одговор на прашањето на „Независен“, какви мерки предвидува Владата за нејзиното сузбивање и за заштита на граѓаните од сѐ повисоките цени.
Од средства за лична хигиена, како што се сапуните и тоалетната хартија, до разни услуги, како што е потстрижувањето, производителите, занаетчиите и трговците како да почнаа во цените да ги вградуваат не само зголемените производствени трошоци, туку и очекувањата за наредниот период.
Па, така, во маркетите се почесто се случува за едни исти производи да има драстично различни цени – на пример во еден синџир маркети плински боци за домашна употреба да чинат 39 денари (за околу девет денари поскапо во однос на претходниот период), а во друг истиот производ се продава по цена од 71 денар. Хартијата за печатење, која до неодамна чинеше 260 денари, сега е 360 денари за едно пакување, а некаде достигнува и до 460-470 денари. Или, увозен кроасан од ист производител, на едно место да е 32 денари (до скоро цената беше 28 денари) а во друг да биде 41 па и 43 денари, говедската кртина некаде е 376 денари за килограм, на друго место 609 денари…
Дали ваквите разлики се должат само на слободните пазарни законитости и на конкуренцијата која кај е присутна во малопродажбата, или пак, на бранот на зголемување на цените односно на инфлацијата некои се обидуваат да заработат повеќе, и на тој начин да остварат екстра профит?
Засега никој не излегува со вакви анализи, но граѓаните очигледно треба да отворат четири очи пред да се решат да купат некој производ. Граѓаните сѐ повеќе се жалат дека во трговијата цените на одредени производи несразмерно се зголемуваат во однос на повисоките трошоци за енергија.
На прашањето дали од страна на инспекциските служби се преземаат активности и мерки за откривање и санкционирање на ваквите злоупотреби, од владината прес-служба го добивме следниот одговор:
„Цените на производите се пазарни и нив ги формираат трговците врз основа на вкупните трошоци, а тука не влегува само цената на електричната енергија. Пазарната инспекција врши континуирани надзори на цени во насока на тоа дали трговците се придржуваат кон одлуката за посебни услови во трговијата со која се регулира маржата и вкупната цена.
По неколку пријави, извршена е контрола за производи кои немаат маржа, но не се утврдени прекршувања на одлуката, односно констатирано е дека цените се од производителот односно по набавна вредност. Ги охрабруваме граѓаните да реагираат и да ги пријавуваат секој случај за кој сметаат декa е нереално зголемување на цените“, се вели во одговорот од прес-службата на Владата.
Инаку, инфлацијата, според сите анализи кај нас и во странство, ќе потрае повеќе отколку што се предвидуваше.
Економистите посочуваат дека во услови на висока инфлација мора да се води сметка пред сѐ за најранливите категории граѓани кои се и најпогодени од порастот на цените. Кај овие граѓани трошоците за енергенти и за храна, учествуваат со најголем процент во потрошувачката. Така, Синдикатот пресмета дека во април, најмногу пари или 16.458 денари (43,19 проценти) биле потребни за храна и пијалаци, по што следат трошоците за домување 11.627 денари (30,52 проценти), и за хигиена 2.672,88 денари или 6,90 отсто.