Дали може да ѝ се верува на руската вакцина за Ковид-19?


Објавата на рускиот претседател Путин дека е направена вакцина предизвика тревога во научната јавност, затоа што таа не ја поминала клучната Фаза III од испитувањата

 

Најава од Русија во вторникот дека ќе ја одобри вакцината за Ковид-19 по помалку од два месеци тестирања на човекот, предизвика тревога кај глобалните експерти за здравство, кои рекоа дека без целосни податоци за испитувањето, тешко е да ѝ се верува на вакцината.

Со намера да биде прва во глобалната трка за развој на вакцина против пандемично заболување, Русија допрва треба да спроведе големи испитувања на вакцината што ќе произведат податоци за да се покаже дали функционира – нешто што имунолозите и експертите за заразни болести велат дека може да биде „невнимателен“ чекор.

„Русија во суштина спроведува експеримент со големо ниво на население“, рече Ајфер Али, специјалист за истражување на лекови во британската Бизнис школа „Ворвик“.

Таа рече дека таквото супер брзо одобрување може да значи дека потенцијалните несакани ефекти на вакцината може да не бидат прибрани. Овие, иако веројатно се ретки, би можеле да бидат сериозни, предупреди таа.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека вакцината, изработена од московскиот институт „Гамалеја“, е безбедна и дека е ја примила и една од неговите ќерки.

„Знам дека работи доста ефикасно, формира силен имунитет и повторувам, ги помина сите потребни проверки“, рече Путин на државната телевизија.

Франсоа Балукс, експерт од Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, рече дека тоа е „невнимателна и глупава одлука“.

„Масовната вакцинација со неправилно тестирана вакцина е неетичка“, рече тој. „Секој проблем со руската кампања за вакцинација би бил катастрофален и преку нејзините негативни ефекти врз здравјето, но и затоа што дополнително ќе значи чекор назад од прифаќањето на вакцините кај населението“.

Неговите коментари ги повтори Дани Алтман, професор по имунологија на Империјал колеџ во Лондон, кој рече дека „колатералната штета“ од употребата на која било вакцина за која сè уште не е познато дека е безбедна и ефикасна „ќе ги влоши несоодветно нашите тековни проблеми“.

Иако Русија прогласи победа, повеќе од половина дузина производители на лекови ширум светот се во процес на спроведување на големи, напредни човечки испитувања за нивните потенцијални вакцини Ковид-19, секој со десетици илјади волонтери учесници.

Неколку од овие предводници, меѓу кои и „Модерна“, Физер“ и „АстраЗенека“, велат дека се надеваат дека ќе знаат дали нивните вакцини функционираат и се безбедни до крајот на оваа година.

Сите се очекува да ги објават резултатите од испитувањето и безбедносните податоци и да ги достават до регулаторите во Соединетите Држави, Европа и на други места за преглед пред да може да се добие дозвола.

Одобрувањето на руската вакцина од Министерството за здравство доаѓа пред испитувања во кои вообичаено би биле вклучени илјадници учесници, попозната како Фаза III. Ваквите испитувања обично се сметаат за основни претходници за вакцина за да се обезбеди регулаторно одобрување.

Питер Кремснер, експерт во германската универзитетска болница во Тубинген, кој работи на клинички испитувања на кандидат за вакцини од „КјурВак“, рече дека потегот на Русија е „несовесен“.

„Нормално дека ви требаат голем број луѓе за да бидат тестирани пред да одобрите вакцина“, рече тој. „Мислам дека е невнимателно да се стори тоа ако многу луѓе не биле тестирани“.

Експертите велат дека недостатокот на објавени податоци за вакцината во Русија – вклучително и како се прави и детали за безбедноста, имунолошкиот одговор и дали може да се спречи инфекцијата на Ковид-19 – ги остава научниците, здравствените власти и јавноста во темница.

„Не е можно да се знае дали руската вакцина се покажа како ефикасна без да се достават научни трудови за анализа“, рече Кит Нил, специјалист за епидемиологија на заразни болести на британскиот универзитет „Нотингем“. (Ројтерс)