Дали Ковачевски и Петков ќе се сретнат во Братислава

Двајцата премиери се во главниот град на Словачка каде ќе учествуваат на престижен безбедносен форум. Но на два различни панели


Братислава

 

Македонскиот и бугарскиот премиер од денес до сабота треба да бидат на престижниот безбедносен форум во Братислава ГЛОБСЕК (тој се одржува секоја година од 2005) на кој главни теми за расправа ќе бидат како Западот и ЕУ да понудат поинтензивна и сеопфатна поддршка за Украина, и како и што трансатлантската заедница може да направи поинаку во и со Западен Балкан со цел да ги зголеми демократските отпорности на регионот.

Димитар Ковачевски и Кирил Петков ќе зборуваат на два различни панели. Македонскиот премиер ќе се обрати во дебатата „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“. Заедно со него на тој панел ќе учествуваат претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, косовскиот премиер Албин Курти, специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и специјалниот пратеник на Британија, Стјуарт Пич.

Кирил Петков ќе биде на панелот кој е фокусиран на безбедноста на источните граници на ЕУ, заедно со премиерите на Словачка и Летонија, Едуард Хегер и Кришјанис Каринш. Ќе има уште повеќе други панели, за односите меѓу Србија и ЕУ (ќе зборува претседателот Александар Вучиќ), за стратегијата на Западот кон Русија на Путин, развој на енергетската и сајбер отпорност на ЕУ…

Во соопштението од Владата за патувањето на Ковечевски во Братислава се наведува дека ќе има неколку билатерални средби. Дали и со Кирил Петков во моментите кога има различни нагаѓања што може да се случи до крајот на француското претседателство на ЕУ, дали Емануел Макрон ќе биде поинтензивно вклучен во разврската на спорот и кревањето на бугарското вето, не е јасно.

Ковачевски и Петков, заедно со нивните двајца министри за надворешни работи, се сретнаа пред десетина дена во Рим за време на чевствувањето на Св. Кирил и Методиј, но од таа средба не излезе ништо – само потврда дека остануваат големите разлики меѓу двете земји. Претходбно во мај, на свеченоста во грчкиот град Александропулис за промоцијата на терминалот на течен гас Ковачевски и Петков, иако седеа речиси еден до друг, немаа средба.

Инаку на форумот во Братислава има импресивна листа на учесници – претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, австрискиот премиер и министерката за Европа, Карл Нехамер и Каролине Едштадлер, директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, поранешниот шведски премиер Карл Билт, еврокомесарката Маргрет Вестагер, поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Волкер… (Н.В.)