Дали Јанева излегува од притвор?


Фото; Б. Грданоски

Кривичниот суд, односно судија на претходна постапка, деновиве треба да донесе одлука дали поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева ќе се излезе од притвор. Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска вчера до судот поднесе барање Јанева да излезе од Шутка, каде што била во тешка психичка состојба.

„Отпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија. Сето ова е наведено во предлогот и ќе видиме каква одлука ќе донесе судот“, вели Фрчкоска.

За да се брани од слобода, Јанева понудила недвижен имот, односно становите на ќерката и на синот во вредност од околу 160 илјади евра и уште еден стан на член на потесното семејство.

Барањето на Јанева денеска се очекува да биде испратено до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое ја води истрагата „Рекет“, случај во кој Јанева е третоосомничена. Тие треба да дадат позитивно или негативно мислење за барањето на Јанева, а конечна одлука да донесе Кривичниот суд.

„Дали обвинителката (Вилма Русковска) ќе го искористи тоа законско право и ќе побара продолжување на мерката притвор или ќе предложи замена со некоја поблага мерка во моментов не можеме да кажеме, затоа што сè уште се работи на анализа на вербалните и материјалните докази“, велат од Обвинителството.

Одлуката за тоа дали Јанева ќе биде пуштена од Шутка би требало да биде донесена до петок, кога ѝ истекува триесетдневниот притвор.

Веднаш по лидерската средба минатата недела, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски тврдеше дека премиерот Зоран Заев на средбата најавил дека Јанева за десетина дена од тогаш ќе биде префрлена во куќен притвор.

Премиерот Заев неговите тврдења ги нарече „лажги со опашки“.

„Строго ги демантирам ваквите лаги бидејќи на лидерската средба, кога се отвораше дебатата зошто воопшто се преговара кога предметите поминуваат во Јавното обвинителство, мојот коментар беше оти од Ирена Фрчкоска сум информиран дека е логично Јанева да бара да ги достави предметите заради одговорност, но веројатно и жената да си бара олеснителни мерки во истрагата заради невлијание на сведоците, невлијание на предметите. И тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме“, рече Заев.

Јанева заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец се осомничени и притворени за „Рекет“ од еден и пол милиони евра за укинување на притворот на бизнисменот Орце Камчев обвинет во предметот „Империја“.

Според анкетниот лист на Катица Јанева, нејзините две деца имаат по еден стан во Скопје, едниот во вредност од 100 илјади, а другиот од 60 илјади евра.

Од личен имот Јанева има куќа во Гевгелија од 370 квадратни метри која, според адвокатката, е дадена под хипотека за кредит. Јанева има и плац и земјоделско земјиште во Гевгелиско, заштеда од околу 100 илјади евра, но и неколку кредити.

Поранешната специјална обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист и тоа за купување половно возило.

Членовите на Антикорупциска не ги проверувале анкетните листови на другите обвинители од поранешното СЈО, но велат дека немало некои посебни промени.

Јанева, но и другите обвинители од СЈО најдоцна за 30 дена по разрешувањето или престанок на мандат треба да поднесат анкетен лист за промена на имотната состојба.

Фетаи и Бубевски остануваат обвинители во „Монструм“

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ги овласти довчерашните обвинители во СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски и натаму да го застапуваат предметот „Монструм“. Ова е прва одлука на Јовески да им ги додели истите предмети на обвинители од СЈО, откако најави дека предност ќе имаат предметите кои се во фаза на судење согласно распоредот.

Судењето за „Монструм“, односно петкратното убиство кај Смилсковското Езеро, треба да продолжи денеска и треба да се слушаат „бомбите“ што ги поседува Обвинителството.

 

Советот на јавни обвинители завчера го констатира престанокот на мандатот на обвинителите во СЈО и ги распредели во матичните обвинителства.

Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски се вратија во ОЈО Скопје и сега оттаму ќе го застапуваат „Монструм“.  (Ф.Ф.С.)