Дали и каде ќе се слеат гласовите на Река?


Албанските гласачи, според проценките, се икс-факторот што треба да го одлучи победникот во вториот круг на изборите за шеф на државата, откако во првото полувреме кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, обезбеди скромно водство од 4.485 гласа пред противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова. Оттаму и експлозијата од пораки упатени на нивна адреса од двата табора во кои секој од нив се претставува како нивни поприроден сојузник. Дури Силјановска-Давкова, по првичните резултати кои ја означија пат-позицијата, инстантно си ги инкасираше гласовите на Блерим Река на своето конто, иако партијата што ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ воопшто не го есапеше во кампањата албанскиот дел од електоратот.

Но, зортот си го прави своето, па тешко дека сега лидерот Христијан Мицкоски ќе си дозволи уште една шокантна изјава како таа од минатиот месец кога, по средбата со коалициските партнери пред седиштето на партијата, побара поддршка од сите граѓани, освен од граѓаните Албанци. Очекувано, потоа следуваше канонада од критики на социјалните мрежи од граѓаните Албанци чиј заеднички именител беше – „за националистичка партија нема да гласам никогаш“.

Можно ли е Силјановска-Давкова, која очекувано доби незначителен број гласови во албанските средини кои, генерално, се карактеризираа со слаба излезеност во првиот круг, сега да се надева на одреден дел од 80.000 гласа што ги освои Блерим Река, особено на оние што стриктно функционираат на партиското далечинско на Алијансата за Албанците и Беса?

Таквите комбинаторики не се без подлога, велат политичките набљудувачи, ако се има предвид надреалната претстава од крајот на минатата година кога во Советот на Општина Дебар, Алијансата за Албанците, чиј лидер Зијадин Села за малку смртно ќе страдаше во Собранието од „долгата рака на ВМРО“, склучи советнички пакт токму со ВМРО-ДПМНЕ и Беса и избра в.д. градоначалник од своите редови (Еуген Цами), по смртта на Ружди Љата од ДУИ. Подоцна со ново мнозинство на негово место дојде „интегративецот“ Хекуран Дука, кој викендов официјално беше промовиран во нов градоначалник откако извојува тесна победа од 272 гласа над кандидатот на Алијанса, Арбен Аголи.

Краткиот преглед на резултатите од претседателските и локалните избори во Дебар остава простор за различни толкувања за тоа кој со кого се пазарел на локално ниво. Имено, доколку се соберат гласовите на Пендаровски (3.160) и на Силјановска (875), речиси се стигнува до бројката на гласови што ги освои кандидатот на ДУИ на изборите за градоначалник, Дука (4.106). Гласовите на Река (3.819), пак, се совпаѓаат со гласовите на кандидатот на Алијансата, Аголи (3.834).

„Тоа значи дека гласачите на Пендаровски и на Силјановска гласале за кандидатот на ДУИ. Пред да бараат гласови од албанската опозиција најпрвин ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска да објаснат зошто гласаа против нив во Дебар“, вели аналитичарот Роберт Несими.

Шефот на изборниот штаб на ДУИ во Дебар, Артин Спахиу, во изјава за „Независен“ ги демантира ваквите тврдењa.

„Нашите детални анализи покажуваат дека имаше одредено прелевање на гласовите. Да речеме 80 отсто од поддржувачите на ДУИ гласаа за Пендаровски, а 20 отсто за Блерим Река. Од друга страна, отприлика 20 отсто од поддржувачите на СДСМ гласаа за кандидатот за градоначалник на Алијансата, Аголи. Она што може одговорно да го тврдиме е дека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ отидоа на контото на Аголи, а не на нашиот кандидат Дука. Дека е тоа така доволно говори неговата победа во бастионот на ВМРО-ДПМНЕ во Дебар – Могорче“, вели Спахиу.

Од ДУИ ѝ порачуваат на Силјановска да не се надева на гласовите на Река и ветуваат посилна кампања за Пендаровски пред одлучувачката втора рунда гласање.

Од Алијансата за Албанците, пак, ги обвинија „интегративците“ за дуализам, односно дека паралелно играат и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на Зијадин Села и Беса барем јавно тврдат дека нема да ги насочат граѓаните за кого да гласаат во вториот круг. Ќе остават самите да одлучат. Генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, практично ги олади и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. На првите им порача дека грешат кога мислат дека по автоматизам гласовите на Блерим Река ќе одат повеќе за СДСМ. На вторите, пак, им кажа дека не треба да се мешаат и да се ставаат на ист куп гласовите на нивниот кандидат со оние на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Испративме порака, но и добивме порака од народот дека не помина консензуалниот кандидат кој го промовираше ДУИ. Тој е пропаднат проект што не помина кај Албанците“, вели Таравари.

Градоначалникот на Гостивар во вториот круг од претседателските избори во 2014 година гласал за Пендаровски, но сега ситуацијата е поинаква. Причина за анимозитетот меѓу Алијанса за Албанците и СДСМ е тоа што владејачката партија неколку пати и ги одземаше ингеренциите во Општина Гостивар. Според него, во вториот круг од овие избори ќе биде тешко да се постигне цензус. На таков епилог предупредува и аналитичарот Џелал Незири.

„Повеќето гласачи што гласаа за Река се мотивирани од фактот дека кандидатот е од нивна етничка припадност. Тешко ќе биде тие гласачи да се мотивираат и да излезат да гласаат за еден од македонските кандидати. Тоа го става во опасност цензусот во вториот круг“, вели Незири.

Стево Пендаровски јавно ги повикува гласачите на Река да му дадат поддршка во вториот круг бидејќи, како што вели, тој се залага за еднаквост меѓу граѓаните, наспроти етноцентризмот што го промовира другата страна. Силјановска, пак, не им се обрати директно на овие 80.000 гласачи.

„Граѓаните нè доживуваат како објекти на политичко-етнички-партиски пазар. Тие суверено располагаат со сопствените гласови. Ги охрабрувам да го дадат својот глас онака како што тие сметаат, согласно демократските начела“, вели Силјановска.

Наум Котевски