Дали глаголицата била напишана во близина на Крупиште?

Археолошкиот локалитет Кале, кај селото Крупиште во Општина Карбинци, кој се наоѓа  во близина на Брегалница и по 36 години од неговото откривање се уште ја чува тајната меѓу овие ѕидини, дали токму  ова е една  од  локациите, каде се напишани,  азбуки, веди, првите словенски букви.

Археолошките претпоставки за овој локалитет и  Панонските легенди за браќата Кирил и Методиј, говорат дека глаголицата била напишана во градот Равен, каде за епископ бил назначен Методиј. Во славистичките кругови сега преовладува таканаречената, Македонска теорија, според која Глаголицата е напишана по течението на реките Брегалница и Струма.

Универзитетскиот професор од Факултетот за образовни науки на катедрата за археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Трајче Нацев вели дека археолозите своите претпоставки дека токму овде е создадена глаголицата ги темелат на тоа што во близина на селото Крупиште има четири цркви и една петокорабна катедарала од 5до 10 век, или овде според овие објекти се наоѓал  голем епископски центар. На овој локалитет со години не е истражувано, деновиве кога го посетивме локалитетот беше обраснат со трева.

-Истражувањата на археолошкиот локалитет Кале треба да продолжат и јас потполно согласувам дека истражувањата на локалитетот за нашето културно минато, за нашиот културен идентитет се многу важни, бидејќи првите археолошки откритија, што го поврзуваат со Брегалничката мисија на Кирил и Методиј се откриени токму на овој локалитет, вели Нацев.

Тој ја раководел и конзервацијата на локалитетот Кале, како археолог вработен во штипскиот Завод за заштита на споменици и Музеј на град-Штип. Академик Блага Алексова во 1984 година го откри локалитетот Кале кај Крупиште, а според наодите на теренот тврдеше  дека токму на ова место бил обновен градот Равен.

-Кога ќе зборуваме за кои се тие откритија, тие се објавени од страна на академик Блага Алексова во книгата „Епископијата на Брегалница“, во која таа споменува дека поголем дел од архитектонската камена пластика, што била употребена како сполии и во Црвената црква и во катедралниот храм, кој можеби е еден од најголемите ранохристијански базилики на територијата на Република Северна Македонија се откриени знаци и симболи, а подоцна и дел од самата глаголица, вели Нацев.

Забележува дека научниците, археолозите  и во минатото, но и денеска истражуваат за мисијата на светите браќа Кирил и Методиј и локацијата каде се напишани првите словенски букви.

-Повеќе од научниците се на мислење дека глаголицата е откриена токму вобБрегалничкиот регион, со мисијата на Методиј и оти глаголицата е намерно создадена и е приспособена на словенскиот јазик. Додека пак други автори сметаат дека глаголицата е создадена од ранохристијанските симболи. Тоа е од крстот, кругот и триаголникот. Крстот значи искушение, триаголникот е светото тројство, додека кругот значи совршенството и бесконечното и дека токму од овие три христијански симболи Кирил успеал да ја изготви глаголицата и да ја приспособи на словенскиот јазик, вели Нацев.

Смета дека откријата на овој локалитет, што ги има направено академик Алексова и давајќи претпоставка дека овде е градот Равен треба да бидат поттик за археолозите и научници да истражуваат.

-Споменавме дека се откриени две цркви, оти едната е Црвената црква, катедралниот храм, потоа ротондата и има уште една трикорабна црква, којашто се наоѓа под црквата Свети Никола, под темелите, вели Нацев.

Засега државата нема преземено големи археолошки истражувања на локалитетот, кој заради приказната за глаголицата и браќата Кирил и Методиј  може да привлече бројни туристи.

Теренот околу селото Крупиште изобилува со археолошки откритија, во тој дел за време на работите на хидросистемот Злетовица , при ископувањата во локалитетот Грнчарица”,  беше откриена населба од раниот неолит, при што беа пронајдени предмети и керамика чија старост е проценета на околу 6 000 години п.н.е. Малку подалеку бил откриен каменот на кој првата организирана човечка заедница во Република Северна Македонија  ги изработувала своите орудија од кремен. На тој начин, таа се смета за најстара неолитска населба на територијата на Македонија. На истата локација беше откриен скелетот, кој беше крстен „Славе Македонски“, бидејќи во кутијата во кој бил ставен скелетот пишуваше Славе. Според анализата на коските направена на Универзитетот во Глазгов се претпоставува дека е стар7. 745 години, што го прави еден од најстарите скелети во Југоисточна Европа.

 Градот Равен по течението на реката Брегалница

 Научниците и археолозите во изминатите години, кои истражувале на терен посочуваат уште и други две локалции на градот Равен, каде што е напишана глаголицата, а сите велат дека тоа е по течението на реката Брегалница, посочувајќи ги и малешевскиот и пијанечки регион.

-Кога сме за локацијата на градот Равен можеме да констатираме дека по Брегалница, значи врз основа на мои истражувања, но и на мои колеги постојат уште две можни локации, за локација на градот Равен. Едната од тие локации е во Малешевијата, тоа е областа Равна река, Равно поле и втората локација е на просторот меѓу делчевските села Трботивиште и Разловци во пијанечкиот дел, каде од овие три локации, градот Равен да биде, треба да потврдат археолошките истражувања, да има доволно историски извори, но ќе повторам дека само со археолошки истражувања може да се утврди локацијата на овој значаен средновековен град во Брегалничкиот регион, вели Нацев.

Источниот односно Брегалничкиот регион има една значајна и голема приказна за градот Равен и глаголицата, ретко кој знае каде се наоѓа археолошкиот локалитет  Кале во близина на Крупиште. Населението забележува дека во текот на годината доаѓаат туристи и тоа повеќе од нив какошто велат се  од Русија, кои ја разгледуваат околината и го бараат локалитетот Кале. Засега на оваа заедничка приказна не работат општините од Брегалничкиот регион, но токму археологијата и туризмот за градот Равен и глаголицата можат да им донесат туристи и да имаат економски бенефит. (Миа)