Дали гасното ембарго на „Гаспром“ за Бугарија ќе ја погоди и Македонија
„Гаспром“ предупредил дека Бугарија и Полска се транзитни земји, поради што „во случај на нелегално вадење на руски гас од транзитни количини за трети земји, испораките во транзит ќе се намалат за извлеченото количество“

Прекинот на испораките на руски гас за Полска и Бугарија, засега, нема да ги погоди третите земји кои го добиваат овој енергент преку гасоводите кои што минуваат низ двете држави за кои Русија ги затвори вентилите. Тоа значи дека и Македонија ќе може да го користи рускиот гас, иако единствената цевка преку која доаѓа гасот минува низ соседна Бугарија.
До ваков заклучок се доаѓа од информацијата на Тасс, според која руската гасна компанија „Гаспром“ предупредила дека Бугарија и Полска се транзитни земји, поради што „во случај на нелегално вадење на руски гас од транзитни количини за трети земји, испораките во транзит ќе се намалат за извлеченото количество“.
Од „Макпетрол“ кој е најголем увозник на гас во земјава, за Независен велат дека снабдувањето се одвива непречено.
„Прекинот со снабдување на Бугарија со природен гас од Русија не е поврзан со снабдувањето со природен гас во Македонија. Снабдувањето со природен гас на ‘Макпетрол‚, а потоа и до крајните потрошувачи, се одвива непречено и без никаков застој“, се вели во одговорот на оваа наша голема компанија на прашањето на Независен како одлуката на Русија да ја прекине испораката на гас за Бугарија ќе се одрази врз „Макпетрол“ и врз снабдувањето со гас во нашата земја, со оглед дека гасот доаѓа преку гасоводот од Бугарија.
Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, посочуваат дека во континуитет ја следат состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот.
„Во однос на најавите од страна на Русија за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија, и дали тоа ќе се одрази во снабдувањето на земјава Ве информираме дека цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Северна Македонија со што техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава има“, велат од РКЕ за Независен.
Од Регулаторната комисија додаваат дека според достапните информации со кои располагаат, „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон „Гаспром“ навреме што подразбира стабилна испорака на природен гас.
„Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас“, посочуваат од РКЕ.
Од таму упатуваат и на постојната законска регулатива кај нас во која согласно членот 13, став (7) од Правилата за снабдување со природен гас, се вели дека потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.
„Што значи дека сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво“, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Инаку, информациите во врска со исопраката на гас до Полсска и до Бугарија денеска се контардиктрони. Од една страна се вели дека рускиот гас сѐ уште тече кон овие две земји, иако синоќа беше најавено дека испораката ќе биде прекината, а од „Гаспром“ велат дека утрово се затворени вентилите за гас кон овие две држави.
И Полска и Бугарија соопштија дека и покрај најавеното ембарго од страна на „Гаспром“, тие имаат доволно резерви на гас.
„Не постои закана за енергетската безбедност на Бугарија“, изјави синоќа Лена Бориславова, шеф на кабинетот на бугарскиот премиер Кирил Петков, додавајќи дека бугарската Влада е подготвена со месеци со план за дејствување во ваква ситуација.
Таа посочи дека биле обезбедени алтернативни начини за испорака, како и дека нема ризик за енергетската безбедност на Бугарија.
Слични изјави имаше и од Полска која соопшти дека има доволно резерви од овој енергент, како и дека има можност за снабдување со течен гас, што ја става во релативно подобра позиција.
Засега, и од македонска страна, неофицијално, нема никаков проблем со испораките на руски гас.
Нашата земја е целосно зависна од увоз на гас бидејќи нема домашно производство, а во најголем дел, тој се увезува од Русија, дури 90 отсто, велат енергетичари.
Големи корисници се неколку значајни стопански капацитети, како и компании кои што се сместени во индустриските зони, па се цени дека било каков застој во испораките би можел значајно да ја погоди македонската економија.
Тоа значи дека и евентуалното „позајмување“ од страна на Бугарија на количествата на гас наменети за транзит, би можеле да се одразат на снабдувањето кај нас, се разбира доколку дојде до ваква хипотетичка ситуација.
Аналитичка агенција „Статиста“, неодамна ја вброи Македонија како земја која е најмногу зависна од рускиот гас и која има најмалку можности за снабдување од други извори. Гасот се користи и за загревање на градот Скопје, но сега грејната сезона е завршена, па нема опасност да се случи било каква несакана ситуација, барем до почетокот на идната грејна сезона.
Енергетските експерти посочуваат дека Македонија и во наредниот период нема да може да смета на некоја позначајна алтернатива, бидејќи нема капацитети за складирање на гасот, како и фактот дека нема и инфраструктура и технологија за евентуална испорака, преработка и складирање на течен гас кој би се набавил од САД.
Од Министерството за економија најавија прес конференција на која што ќе стане збор за најновиот развој на ситуацијата со гасот.
Нашата земја се вклучи во проектот за изградба на терминал за течен гас во Александропулис, Грција, но до конечната реализација на овој проект сепак, ќе помине уште време
Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се зголеми капацитетот за дотур на гас во земјава, ќе се влијае врз либерализацијата на пазарот, а со тоа и врз конкурентноста на цените, смета државното раководство.