Дали е на повидок нова хипотекарна криза? Кинескиот гигант за недвижности „Евергранде“ ги загрозува банките


Кинеската компанија за развој на недвижности „Евергранде груп“, која пропаѓа, може да ги загрози помалите кинески банки ако веќе не може да ги исполни своите финансиски обврски, а други сектори во економијата, исто така, може да бидат засегнати, предупреди „Фич“.

„Евергранде“ се обидува да обезбеди пари за да ги исполни своите обврски кон голем број заемодавачи и добавувачи, а регулаторите предупредија дека нејзините обврски од 305 милијарди долари може да претставуваат поголем ризик за кинескиот финансиски систем, доколку не се стабилизира.

На 7 септември, „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на групацијата „Евергранде“ од „ЦЦЦ +“ на „ЦЦ“, сигнализирајќи дека компанијата најверојатно нема да може целосно да ги исполни своите финансиски обврски.

Долговите на „Евергранде“ кон банките и другите финансиски институции изнесуваат 572 милијарди јуани (88,8 милијарди долари), но банките исто така може индиректно да бидат изложени на долговите на компанијата за недвижности кон добавувачите на стоки и услуги, кои достигнуваат 667 милијарди јуани, посочува „Фич“.

„Веруваме дека неспособноста (Евергранде) да ги исполни обврските ќе ја зајакне поларизацијата на кредитот кај градежниците и може негативно да влијае на некои помали банки“, соопшти агенцијата во вторникот.

„Помалите банки со поголема изложеност кон ‘Евергранде’ или други ранливи компании за развој на недвижности би можеле да се соочат со значително зголемување на лошите заеми, во зависност од тоа како се развиваат кредитните случаи со ‘Евергранде’“, велат од агенцијата.

Тие, исто така, предупредуваат дека многу сектори би можеле да бидат изложени на зголемен кредитен ризик, иако целокупното влијание врз банкарскиот сектор треба да се држи под контрола, пренесува Сеебиз.

Од „Фич“потсетуваат дека неодамнешната проверка на отпорноста на банките кон неповолните деловни услови покажа дека просечниот коефициент на адекватност на капиталот малку ќе се намали само ако учеството на лошите заеми во вкупните кредити за развој на недвижности се зголеми за 15 основни поени.

Тие проценуваат дека ризикот од значителен притисок врз цените на недвижностите за станбени објекти, доколку „Евергранде“ не е во можност да ги отплати долговите, ќе биде мал и очекуваат владина интервенција на Пекинг за заштита на интересите на домаќинствата.