Дали Бујар Османи може да биде уапсен за „велепредавство“?

Нападите на премиерот Мицкоски кон поранешниот министер станаа уште пожестоки, колку што ќор-сокакот кон ЕУ станува сѐ поголем. ВМРО-ДПМНЕ му порачува да молчи


Фото: Б. Грданоски

 

Интензитетот со кој премиерот и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ го напаѓаат поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, последниве денови е кренат на неколку нивоа посилно, отколку во изминативе месеци или две години и високиот член на ДУИ е претставен како главен виновник затоа што Македонија влезена во ќор-сокак во пристапувањето на кон ЕУ и ги гледа другите како одат напред. Тоа значи дека од политичка гледна точка Бујар Османи може да биде претставен како непријател на нацијата и државата, па дури и да биде обвинет за велепредавство.

Нема ден премиерот да не го нападне Османи на овој или оној начин затоа што го потпиша вториот протокол меѓу двете влади заедно со тогашната бугарска министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска. Забележливо е дека вмровските структури во последно време го оставија настрана и не фрлаат отровни стрели кон поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, кој го потпиша првиот протокол со жената која стана синоним за „дипломат-непријател“ на Македонија – Екатерина Захариева. Таа и натаму е озлогласена во Македонија, но Захариева сега е еврокомесар, па не би било добро да се напаѓа член на европската влада. А  и Димитров во последниве неколку години се трансформира во жесток критичар на францускиот предлог и на вториот протокол.

Мицкоски вчера употреби и историски сегменти во својот напад кон Османи, користејќи ги во својата изјава начините на кои римските власти неколку стотици години се пресметувале со бунтовниците кога ги осудувале на смрт. Така било со легиите бунтовнички гладијатори предводени од Спартак, така беше и со Исус од Назарет и другите покрај него. Шајки, или подобро речено, брутови, на рацете и нозете.

Зборувајќи вчера за однесувањето на Бугарија кон Македонија и условот за промена на уставот, премиерот ја нарече „несмасна дипломатија“ политиката што ја води Софија. Бидејќи сме сојузници во НАТО неразбирливо е зошто ги користи блокадите за ЕУ. Тој по кој знае кој пат повтори дека во Македонија имало неколку стотини Бугари (вчера конкретно ја наведе бројката над 800), иако според пописот има 3.504 лица кои се изјаснија дека се Бугари. „Суштината е обид на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во ’45-та година и дека почива на бугарски корени“, рече Мицкоски. И се префрли на својата омилена мета – Бујар Османи. Велејќи дека сето тоа го знаел поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

„Тој точно знаеше што прави, директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам. Прифаќајќи го францускиот предлог директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет. Ќе се бориме до крај, додека можеме, не знам дали ќе успееме, но добиваме симпатии и сѐ повеќе земји и високи политичари го одобруваат ова што го правиме и нашите аргументи добиваат гласност“, нагласи премиерот.

Бели дробови, шајки, нозе, раце – тоа е новиот вокабулар што е напишан во пропагандните тетратки за пресметката и за одлуката, всушност, да не се оди никаде.

Бујар Османи реагираше остро обвинувајќи го Мицкоски дека свесно ја разгорува омразата.

„Како никогаш досега, имаме премиер кој наместо да го негува внатрешниот соживот и меѓуетничката кохезија, упорно инвестира во омраза и нетолеранција“, рече Османи во својата реакција.

Нема ништо пологично во политиката да се имаат различни концепти и визии за иднината на државата, но, тврди Османи, Мицкоски оди многу подалеку од дозволеното:

„Ќе прифатам дека не се согласуваме околу гаранциите за ЕУ, но премиере – вие ја преминувате границата на политичка пристојност. Влечете за уши, делите жолти картони, навредувате, а сега и клетите?“, наведувајќи ја алузијата Христовата жртва:

„Со зборови како ‘шајки во раце и нозе’ се навлегува и на терен на религиска нетолеранција. Јавнат врз популистички тигар, не ни гледа каква штета прави – и во земјава и надвор“.

Османи повтори дека македонскиот јазик веќе е заштитен и признат од страна на ЕУ, но дека се прават чекори за понижување на албанскиот јазик и граѓаните Албанци дома:

„Можеш да навредуваш, да анатемисуваш и да се закануваш, но Христијан, имаш еден клучен пропуст во твоето поимање на реалноста – ние Албанците не сме гости тука. Ова е и наш дом“.

Одговорот на ВМРО-ДПМНЕ беше уште пожесток од изјавата на лидерот Христијан Мицкоски. Во него му беше порачано на Бујар Османи подобро да молчел, дека, всушност, и не треба ништо да кажува затоа што „потпиша капитулација наречена преговарачка рамка“. А штом потпишуваш капитулација си велепредавник.

Еве неколку во квалификациите на ВМРО-ДПМНЕ за Бујар Османи:

„Бујар Османи, министерот кој го прифати францускиот предлог без да трепне и кој ги жртвуваше македонскиот идентитет, јазик и историја за фотосесија со европски бирократи, сега се јавува со патетични морални лекции…

Тој кој не кажа ни збор кога Бугарија бараше да не постоиме како народ…

Тој, кој ја потпиша капитулацијата наречена преговарачка рамка, со наведната глава и без консултација со народот…

Османи денес зборува за ‘популизам’ откако целата негова кариера е изградена на клиентелизам, поделби и трговија со националните интереси. И ни збор за тоа што токму тој беше прв што прифати Бугарите да бидат ставени во Уставот, без никаква гаранција за македонскиот народ…

Да му појасниме: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат… Граѓаните не ја заборавија шверцерската ноќ на 16 јули. Не ја заборавија тишината со која дозволи да се гази врз сè македонско.

Не заборавија дека твојата ‘дипломатија’ заврши со тоа Македонија да не започне ниту еден кластер, ама затоа добивме бугарски клубови и закани за порекнување на нашето постоење.

Затоа, Османи, подобро молчи“.

Ќе видиме дали Бујар Османи ќе ја послуша пораката на ВМРО-ДПМНЕ да молчи. Затоа што пораката на партијата е како суд. А кога некој извршил предавство на македонскиот народ, тогаш…