Далас Блек танцовата компанија од САД вечер на Танц фест


Во рамки на фестивалот Танц Фест 2023, вечер во 20 часот во МНТ ќе се изведе претставата „Забрзување и Вознесувања“ на Далас Блек танцовата компанија од САД. Публиката ќе има можност да проследи пет извонредни кореографии: „Распарчување“ на Грегори Долбашиан, „Танц на срцето“ на Mи’Кал Стромил и „Како вода“, „Патот до еден“ и Погубување на чувството“ на Дарел Гранд Мултри во изведба на дванаесет спектакуларни танчери на компанијата.

Dallas Black Dance Theatre во Скопје доаѓа со поддршка на Американската амбасада. Танцовиот тетар е основан во 1976 година од Ен Вилијамс, со цел да создаде и произведе современ танц на највисоко уметничко ниво, преку претстави и едукативни програми кои ги премостуваат културите и допираат до различни заедници. Како најголема и најстара постојано оперативна професионална танцова компанија во Далас, ДБДТ е една од најзначајните афро-американска танцови компании во САД. Под раководство на уметничката директорка Мелиса М. Јанг, современата компанија изведува мешан репертоар на модерни, балетски, џез и етнички дела од национално и меѓународно познати кореографи.

Во рамки на вечерта, пред настапот на компанијата, ќе биде изведена кратката кореографија „Предност“ која е производ на работилниците кои се одржаа во соработка на ДБДТ и Скопје танцовиот театар, со поддршка на Американската амбасада во Скопје. Работилниците под наслов „Dance communication“ ги одржа Сиера Ноел Џонс (ДБДТ) и асистентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ Стефанија Милевска Враниќ и Емилија Достинова.

 

Во работилниците учествуваат ученици од Музичко – балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“ во класа на професорките Елена Антонова Петровиќ и Александра Кочовска Начева.

Танц Фест Скопје годинава е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје и приватни спонзори.