Дадени, па поништени специјализации за шест лекари


 

Специјализациите на шест лекари во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп биле поништени. За нив лекарите конкурирале во 2018 година, но според претседателот на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, Ненад Лазаров, во февруари годинава в.д. директорот на болницата донел одлука да поништи шест бидејќи во меѓувреме билe донесени измени на програмата за потреби од специјалистички и супспецијалистички кадар. Станува збор за упатување на специјализации за анестезиологија, ортопедија и интерно. Од Асоцијацијата се закануваат со тужби повикувајќи ги надлежните да се расчисти ситуацијата.

Вакво поништување на специјализации, поради изменети околности по донесување на првична одлука, е сè само не правно засновано! Прашуваме, доколку се планирале измени, зошто воопшто имало огласи за нешто што очигледно се планирало да не се спроведе. Дополнително, целата постапка е окончана и донесени се одлуки за упатување на колегите на специјализација пред скоро шест месеци! Каква порака праќаат институциите со вакви скандалозни одлуки во предизборие? Дали е ова начин да се задржат младите лекари, особено во места надвор од Скопје каде што дефицитот од кадар и несоодветна дисперзија на специјалности затвора оддели, а во иднина и цели болници? Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари најостро се спротивставува на оваа противправна одлука, за што ги информиравме надлежните институции, кои, доколку во најкраток можен рок не ја ревидираат, ќе почнеме правна постапка со цел обезбедување и зачувување на законските права на нашите колеги. Тоа на крајот ќе предизвика голема материјална штета за болницата ‘Борка Талески’ во Прилеп поради обесштетување на колегите“, вели Лазаров.

Првиот човек на болницата „Борка Талески“ во Прилеп, в.д. директорот Драги Богојески, објаснува дека од административни причини морало да донесат одлука за поништување на специјализациите бидејќи биле наменети за програма од 2018 година и затоа не се реализирани. Во 2019 година, подвлекува, повторно ќе објават интерен оглас по нова програма, при што уверува дека кандидатите на кои им беа поништени специјализациите повторно ќе ги добијат и ќе можат да ги реализираат од септември.

„Специјализациите не можеа да се реализираат бидејќи се за програма за 2018 година, а не можеа да се префрлат за 2019 година. Сега мора да распишеме нов конкурс за истите да се јават. Правата не им се скратени. Решенијата не важат бидејќи се за 2018 година, така што мора да ги повлечеме и да ги поништиме одлуките. За 2019 година имаме побарано 15 специјализации кои, од досегашните разговори што ги имавме со Министерството за здравство, ќе ни бидат одобрени, по што ќе биде одлучено и лекарите наесен треба да заминат на нив. Нема ништо заткулисно. Ако ни дадеше Владата одобрение, Министерството, тие ќе заминеа на специјализација во март“, додава Богојески.

Од Министерството за здравство посочуваат дека за настанатата ситуација се информирани од прилепската болница.

„Се прават максимални напори споменатите шест специјализации, заедно со дополнителни девет, односно вкупно 15 специјализации да влезат во Програмата за специјализации за 2019 година, по што тие би биле реализирани“, велат од Министерството.

Вероника Мароска-Леова