Дачиќ за апсењето азербејџанскиот амбасадор во Србија: Белград нема да се меша, тој не е уапсен овде


Амбасадорот на Азербејџан во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, Елдар Хасанов, уапсен е денеска во Азербејџан под сомнение дека проневерил голема сума пари од буџетот, како и за други прекршоци, соопшти прес-службата на државната безбедност на таа земја.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, апсењето на амбасадорот на Азербејџан во Белград, Елдар Хасанов го коментираше шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.

-Ова е внатрешно прашање на Азербејџан и на нивните безбедносни и судски органи, Србија нема да се меша во тоа. Хасанов е уапсен во Азербејџан, кажа Дачиќ.

Според соопштението на прес-службата на државната безбедност на Азербејџан Хасанов е приведен како осомничен во истрагата, а кривичната постапка е во фаза на истрага.

-Хасанов е уапсен во Азербејџан, како дел од истрагата што ја поведе претседателот на тендерската комисија на Министерството за надворешни работи, Фархад Мола, против неколку службени лица, за злоупотреба на положбата и сериозно нанесување на штета на интересите на земјата, се наведува во соопштението.

Елдар Хасанов е амбасадор на Азербејџан во Србија, Црна Гора и БиХ, со седиште во Белград од 28 март 2013 година. Во својата кариера работел во Министерството за внатрешни работи на Азербејџан, а во 1992 и 1993 година бил шеф на Националното биро на Интерпол во таа земја, се наведува во неговата официјална биографија на веб-страницата на амбасадата.

Апсењето на амбасадор Елдар Хасанов доаѓа во време на затегнати односи меѓу Србија и Азербејџан, поради обвинувањата на властите во Баку дека Србија испорачала минофрлачи и муниција во Ерменија, кои биле користени за време на конфликтот што избувна на азербејџанско-ерменската граница на 12 јули.

На 20 јули, Министерството за надворешни работи на Азербејџан ја повика амбасадорката на Србија во Баку, Даница Веиновиќ, од која, заменик министерот за надворешни работи Калаф Калафов, „побара објаснување“ и Србија да го испита случаот.

Во писмената изјава за српските медиуми на 31 јули, амбасадорот Елдар Хасанов наведе дека тоа е „чувствително прашање“ за нив и дека не е изненадување „што испораката на српско оружје во Ерменија предизвика разочарување и длабоко жалење од страна на Азербејџан“.

-Затоа, азербејџанската страна од српска страна, во духот на стратешкото партнерство меѓу двете земји, очекува,официјална проценка за снабдувањето на Ерменија со оружје, се наведува во писмениот одговор од азербејџанската дипломатска мисија во Србија.

На 7 август српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше телефонски со азербејџанскиот претседател Илхам Алијев за извозот на оружје и воена опрема во регионот и изрази „решеност на Србија да не се меша во постојните спорови, почитувајќи ја неповредливоста на границите на земјите членки на ОН“, соопштија од кабинетот на Вучиќ.

Четири дена подоцна, вицепремиерот на Владата на Србија и министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, отпатуваа во таа земја. Стефановиќ, исто така, на 4 август оствари средба во Белград и со амбасадорот на Азербејџан Хасанов.