Дачиќ: Србија ги отвора границите, чека одговор од соседите

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави денеска дека Србија ќе ги отвори своите граници со Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија од 1 јуни, но дека официјален Белград чека потврда од тие земји дали нивните граници ќе бидат отворени за српските граѓани.

-Нивните граѓани ќе можат да влезат во Србија, но тие земји мора да ни одговорат дали нашите граѓани ќе можат да одат таму. Тие сè уште не ни одговориле, изјави Дачиќ на ТВ Прва.

Тој најави дека и Србите и странците ќе можат слободно да влезат и да ја напуштат Србија, без карантин, тестови и дозволи што порано им беа потребни на странците.

-Дали е тоа безбедно зависи од проценка на епидемиолозите. Анализата покажа дека епидемијата е во процес на слабеење и исчезнување и дека новите случаи се се помалку и немаат тешка клиничка слика, кажа тој.

Од 15 јуни без карантин ќе биде дозволен премин на границата и во сообраќајот со Бугарија и Грција.

-Идејата на овие четири земји е да се договориме да имаме отворен граничен систем и дека не е неопходно луѓето да одат во карантин 14 дена, веројатно и без тестови, изјави Дачиќ, додавајќи дека четвртата земја, Романија, нема да учествува во првите договори поради внатрешнополитичката криза.

Тој оцени дека во целиот свет постои желба што поскоро да се отворат границите и економиите и дека Србија предводи во тоа.

-Започнува летната туристичка сезона, од која зависи приходот на многу земји и сега е време да се живее со вирусот, а не да се парализира светот, оцени српскиот министер за надворешни работи.