Дачиќ: Понижување е странски амбасади да ургираат да бидам во идната влада

Во Белград официјални лица се чини дека отстапуваат од ветувањето за амбасадата, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека конечната одлука ќе зависи од „бројни фактори“

Лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, реагирајќи на денешната изјава на премиерката Ана Брнабиќ, порача дека социјалистите се сигурен коалициски партнер на Српската напредна партија (СНС) и дека би било понижување за него некој од странство ургира да биде во идната влада.

Брнабиќ денеска за ТВ Пинк изјави дека некои во СПС се обидуваат преку странски амбасади да обезбедат место за себе во владата, но и во јавните претпријатија, а Дачиќ во изјава за „Блиц“ констатираше дека социјалистите и СНС имаат постигнато многу заедно и затоа е во интерес на Србија да продолжат заеднички да работат, но оти „одлуката зависи од Александар Вучиќ како победник на изборите“.

Коментирајќи ги наводите за „ургирањето“ на странските амбасади, тој посочи дека не знае за кого таа изјава се однесува, но дека тоа би било понижување за него лично некој од странство да се заложува  за него.

– Јас работам во интерес на Србија и никогаш не сум работел за странци. А, знаејќи го Вучиќ, тоа би било контрапродуктивно, заклучи Дачиќ.

Српската премиерка Брнабиќ изјави за ТВ Прва дека претседателот Вучиќ сериозно размислува да влезе во коалиција со лидерот на Српскиот патриотски сојуз (СПАС), Александар Шапиќ и наведе дека таа е еден од двајцата кандидати за премиер на новата влада.